Бизнисите кои не работат: Ни треба методологијата за распределба на помошта, па ќе кажеме дали 17,8 милиони евра се доволни

Од Туристичко-угостителската комора на Сојузот на Стопански комори и денеска нема реакција на понудениот шестти пакет економски мерки наменет токму за ресорите кои ги застапуваат. Тие и денеска продолжуваат со протестот и велат ќе протестираат до исполнување на нивните барања.

432

Бизнисмените ја чекаат методологијата за распределба на владината поддршка од шесттиот пакет мерки за да оценат како тие ќе се одразат врз нивното работење. Дел од нив велат дека се недовлони за покривање на загубите и трошоците што ги создаваат. Владата, пак , веќе соопшти дека ефектот досега бил 100 отсто.

Шесттиот пакет мерки изнесува 17,8 милиони евра, содржи финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60.000 вработени. Опфатени се 12 категории на дејности меѓу кои угостителските објекти кои не работат поради рестриктивните мерки во изминатите 14 дена, потоа ноќните клубови, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите, фотостудијата и приватните детски одмаралишта како и туристичките агенции.






Од Туристичко-угостителската комора на Сојузот на Стопански комори и денеска нема реакција на понудениот шестти пакет економски мерки наменет токму за ресорите кои ги застапуваат.

– Анализиравме и се консултираме со членовите и да видиме која е методологијата, односно кои ќе бидат условите кои треба да се исполнат за да се добијат парите од владата. Треба да знаеме која документација ќе биде потребна за аплицирање и што не очекува. Сумите се дадени и анализираме и се консултираме и утре ќе излезем со конечен став.За нас е важно кога тоа ќе се реализира. Досега имавме континуирано задоцнување на реализација – рече Мартин Ангеловски од ТУК.

Тие и денеска продолжуваат со протестот и велат ќе протестираат до исполнување на нивните барања. На протестот утре со свои барања се приклучуваат и сметководителите.

Туристичките агенции, пак, велат дека тие веќе поставиле барања кои очекуваат да се реализираат, а за новата помош, велат дека е задоцнета.

– Помошта е задоцнета и е недоволна. Ние не можеме да ги покриеме трошоците кои ги создаваме. Иако не ги знаеме условите под кои ќе ни се дава, сепак, сметаме дека таа е недоволна – велат од туристичките агенции кои продолжуваат со протестот.

Туристичко-угостителската комора бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на владата, еднократна финансиска помош во вид на грант за сите  и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка.За туристичкиот сектор се бара неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција со цел опстанок и ликвидност на компаниите за 2021 година, а  ваучерите кои ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“, задолжително да се користат преку туристичките агенции.

И претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска синоќа не сакаше да зборува за ефектите од новите мерки бидејќи и за неа не е позната методологијата за распределба на парите.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, денеска оцени дека ефектот на владините мерки е 100 отсто..

– Дилемата дали се доволни мерките што вчера ги понудивме со шестиот пакет економски мерки за помош за справување со последиците од ковид кризата секогаш останува. Истата дилема ја имавме на почетокот на кризата, ја имаме и денеска, а веројатно и после година дена ќе зборуваме дали мерките се доволни затоа што е квалитативна и субјективна оценка – рече Битиќи.

Тој додаде дека четирите пакети помош дадени лани покажаа дека ефектите се видливи.

-Ја завршивме 2020 година со пад од минус 4,5, а без помошта која што ја даде Владата падот би бил 8,7 отсто и тоа е суштинска разлика. Сме направиле ефект од 100 отсто од тоа што сме го дале – рече Битиќи.

Тој додаде дека владата ги следи состојбите и ќе ги поддржи сите сектори коишто се погодени во одреден момент.

Поврзани содржини