БИЗНИС ФАКУЛТЕТОТ НА АМЕРИКАН КОЛЕЏ ИМ ОТВОРА ГЛОБАЛНИ ВРАТИ НА МЛАДИТЕ Факултетот нуди применливо знаење за кариери со цел

Проф. д-р Снежана Христова, деканка на Факултетот, зборува за тоа како преку иновативни програми, силна поврзаност со реалниот сектор и глобални партнерства, овој факултет го подготвува новиот бран млади професионалци за светот на бизнисот.

972

Во година кога Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС) одбележува 20 години од своето основање, посветуваме внимание на една од неговите најсилни академски единици – Факултетот за деловна економија и организациони науки. Разговараме со проф. д-р Снежана Христова, деканка на Факултетот за тоа како преку иновативни програми, силна поврзаност со реалниот сектор и глобални партнерства, овој факултет го подготвува новиот бран млади професионалци за светот на бизнисот.

Проф. Христова во интервјуто се осврнува на студентите како главен фокус, открива детали за практичната, флексибилна настава која е ориентирана кон иднината, и говори за важноста на меѓународната изложеност, развојот на лидерски вештини и создавањето средина каде што студентите не само што стекнуваат диплома, туку и лична трансформација. УАКС, како што истакнува, не е само место за образование, туку е и почетна точка за кариери со цел.






За сите идни студенти кои размислуваат каде да го направат првиот чекор кон својата професионална кариера, ова интервју носи вредни одговори.

Што е тоа што го издвојува Факултетот за деловна економија и организациони науки на УАКС од останатите? Дали пристапот кон креирање програми што одговараат на потребите на пазарот на труд е пресуден да ги подготви студентите за понатамошен професионален успех?

– Нашиот бизнис факултет пред сѐ се издвојува по единствениот модел на образование, во чиј фокус е секогаш најважното –  студентите да стекнат применливо знаење и да развијат дистинктивни, автентични способности. Тоа значи дека наставниот процес се обликува според образовните потреби, афинитети и амбиции на студентите од Генерацијата Z, овозможувајќи целосно динамичен и приспособен пристап кон учењето.

Младите луѓе бараат кариери со цел. Токму затоа нашите студиски програми ја отсликуваат оваа промена и ние како факултет се трудиме да го зборуваме нивниот „јазик”, покажувајќи грижа и индивидуална поддршка низ целиот процес на студирање. На овој начин создаваме поддржувачка средина на академска извонредност, поттикнувајќи забележителни достигнувања.

Дополнително, со меѓународните акредитации ACBSP (Accreditation Council for Business Schools and Programs) и ACCA (Association of Chartered Certified Accountants), обезбедуваме академска средина усогласена со глобалните стандарди, но и силна поврзаност со реалните потреби на индустријата. При осмислувањето на нашите студиски програми го следиме теркот на „најдобрите“ бизнис школи во светот и впрочем тоа и нѐ издвојува, овозможувајќи им на дипломците да бидат конкурентни на меѓународниот пазар.

Воедно, внимаваме наставните содржини да бидат одраз на реалните предизвици, овозможувајќи им на студентите да стекнат практично искуство уште пред да започнат професионална кариера. На тој начин, тие се подготвуваат за професионален успех од „првиот ден“ преку стекнување знаења со практични искуства и компетитивен дух што ги предизвикува нивните аналитички и лидерски способности.

Во оваа насока, би сакала да издвојам дека нашите дипломци се вработуваат во водечки компании и најчесто брзо преминуваат од јуниор во сениор позиции, што е доказ дека ние на УАКС ги подготвуваме студентите за брзорастечки пазари и лидерски улоги.  Квалитетот на студентите ја добива потврдата токму на пазарот на труд, каде што нивното знаење и способности добива успешна примена. Нема поголема валидација за нашата конкурентска предност од ова.

Кои студиски програми ги нуди Факултет за деловна економија и организациони науки и како тие се издвојуваат? Како тие придонесуваат во подготовката на студентите за нивната иднина како професионалци во своите области?

– Факултетот нуди додипломски, магистерски и докторски студии, односно целосно заокружено, квалитетно и иновативно бизнис образование, што морам да истакнам, е реткост во земјава.

На додипломски студии, нудиме повеќе студиски програми, на англиски јазик, меѓу кои „Менаџмент и иновации“, „Маркетинг и дигитална трансформација“, „Финансии и инвестиции“, и „Сметководство и ревизија“, со поширок спектар на атрактивни професии во различни сектори.

Исто така, соработуваме со престижни универзитети, и нудиме две двојни дипломи со University of Rome Tor Vergata и Rennes School of Business за додипломски студии, а од неодамна и заедничка магистерска програма со факултетот VŠEM Prague за програмите „Менаџмент“ и „Менаџмент со човечки ресурси“.

Кога сме кај повисокиот степен на студии, магистерските и докторските програми кои ги нуди УАКС односно бизнис факултетот, имаат повеќе придобивки – пред сѐ им овозможуваат на студентите комплетирано образование и можност целосно да се усовршат во својата област, но уште поважно кариерен напредок, отворајќи им ги вратите кон менаџерски позиции. За оние кои се заинтересирани за академски развој, докторските студии кои секако носат престиж и личен развој, даваат можност и за истражувачки позиции, но и за значаен придонес во науката и во индустријата.

Она што сметам дека е дополнителна придобивка од сите овие програми и е својствено за УАКС како пристап е фактот што покрај задолжителните предмети од областа, студентите мора да развиваат и општи компетенции. Така факултетот нуди ризница на предмети со разновидна содржина како на пример, „Креативен мајндсет“, „Говорна комуникација“, „Развој на кариера“, „Бизнис аналитика“, „Преговарачки вештини и конфликти“, „Зелено општество и одржливост“ и др. Сѐ се тоа предмети што ги поттикнуваат студентите да размислуваат иновативно, да комуницираат ефективно и да се подготват за динамична и одржлива професионална иднина.

Дополнително, нешто што исто нѐ издвојува е тоа што во пренесувањето на знаењето, се водиме од пристапот дека најдобрите школи не само што пренесуваат знаење, туку создаваат средина каде што студентите учат од најдобрите. Тоа е вистинската илустрација за нашиот наставен кадар, односно јадро од извонредни професори и експерти со меѓународни признанија, истражувачки достигнувања и релевантно искуство во индустријата кои го носат реалниот свет во училниците.

Како УАКС и Факултетот за деловна економија и организациони науки ги подготвува студентите за глобалниот пазар?

– Нашите предавања се интерактивни, динамични и практични. Користиме методологии на експериментално учење, преку сценарија и улоги, студии на случаи и работа со реални проблеми. Користејќи методи кои имитираат реални бизнис ситуации,  дипломираните студенти знаат како да пристапат во решавањето проблеми, да размислуваат креативно и да водат со самодоверба. На ваков начин се избегнуваат и неприменливите теории и она што никогаш нема да биде потребно во практика.

Покрај тоа, активностите од типот на натпревари, хакатони  и слично, кои често ги практикуваме, ги тестираат нивните способности во конкурентна средина, подготвувајќи ги за добри и стратешки одлуки, како и иновативен мајндсет, правејќи ги попривлечни за работодавците.

Деканката проф. д-р Снежана Христова

Меѓународната димензија е важен сегмент на УАКС. Како обезбедувате меѓународна изложеност за студентите? 

– Интернационализацијата би рекла дека е меѓу најважните приоритети на Универзитетот, 20 години наназад. Имаме најдобра меѓународна мрежа во земјата за соработка со рангирани факултети од областа. Секогаш се споредуваме со врвните бизнис школи во светот како наша определба и бенчмаркинг.

Активно работиме на развој на културна интелигенција и глобален бизнис поглед кај студентите. Наша пракса, скоро седум години во континуитет е да организираме „International Teaching Week(s)“ кои им овозможуваат на студентите да запознаат различни бизнис култури, да се поврзат со светски експерти и да го прошират своето разбирање за глобалните бизнис практики. Но, повеќе од настани, ние негуваме „мултикултурен начин на размислување“ бидејќи студентите мора да размислуваат глобално, и да ја ценат разновидноста како предност.

Воедно, нашиот наставен кадар, дополнет од експерти со интернационално искуство, обезбедува исто така инспиративно и мултикултурно образование.

Која е најголемата сатисфакција во вашата професија и градењето на идните бизнис лидери?

– Да ги гледаме нашите студенти како растат – не само во знаењето, туку и во деловниот карактер, и најважно интегритетот. Да ги следиме нивните успеси, нивното прво вработување, нивниот професионален раст и да знаеме дека вредностите што сме ги пренеле остануваат со нив.

Следејќи ги секојдневно на LinkedIn, гледам како со секој чекор го освојуваат глобалниот пазар, градејќи моќни мрежи и влијателни кариери. Токму ова потврдува дека не се стекнале само со диплома, туку успеале да направат севкупна позитивна трансформација.

Тие се како газели во светот на бизнисот – агилни, храбри, подготвени да зграпчат можности и да прескокнат големи растојанија. Нешто, за што на сите нас, ни е особена радост. Најубавото е што тие остануваат дел од нас, градејќи доживотни врски. Тоа, впрочем е и нашиот идентитет!

Поврзани содржини