Битолскиот пркос

Пркосот во другите градови е желба, а во Битола е реалност. Реалност која доправа ќе создава иднина.

4,781

Пркос – тоа е мојата прва асоцијација на моменталните политички случувања. И тоа за еден поинаков БИТОЛСКИ пркос кој за некој месец ќе одбележи четиригодишно постоење.

Навистина беше пркос во таа 2017 да кажиш јавно дека не си за НОВА ЕРА и ЖИВОТ ЗА СИТЕ.






Пркос беше да се одвоиш од толпата и да не тргниш против никого, туку само за своето, а тоа беше – Битола пред сѐ!

Уште поголем пркос беше на таа приказна на чело да застани жена, на која тогашните „големи” политичари и „добронамерници” и предвидуваа дека ќе изгори на политичката сцена „за џабе”.

Ама, како троскот успеа да излезе на виделина тој пркос . Успеа да влези во битолскиот Совет и да покажи дека кога некој нешто силно сака, ништо не е неостварливо. Од самиот старт бевме пркосот кој бараше само поинаква иднина на градот. Поинакви одлуки за градот, а не партиски. И секако – бевме навредувани и омаловажувани. Бевме дури и наречени „тројански коњ на ВМРО ДПМНЕ“.

Ги преживеавме сите напади, иако сè што баравме беше за доброто на градот, а не за лична корист. Поради нашиот пркос мораше да се исчистат депонии, обиколницата, да се постават нови канти за ѓубре, да се санираат цевки, да разбери Македонија дека сепак Битола умира.

Во сите тие години сè она што баравме, беа барања од граѓаните на Битола и ништо повеќе од тоа. Успеавме на битолчани да им ја одржиме надежта дека можи и мора поинаку.

Денес сме на многу краток период до наредните локални избори, пркосот веќе е со корени, пуштени длабоко. Пролетва ќе расцутат, а на есен битолчани ќе ги берат плодовите.
Во другите градови дури сега се спремни за пркосот кој ние веќе го создадовме. Го создадовме и го одржавме и покрај тоа што дел од оние кои се колнеа во идеалот, се продадоа за ситни директорски места или партиски вработувања. Со тоа пркосот битолски само го направија уште појак, посилен.

Денес, на неколку месеци пред изборите, за едните сме „платеници на ВМРО“, за другите „платеници на СДСМ“. А всушност – на едните им пречиме да останат на власт, а на другите во правењето математики за фотелјите во кои планираат да седнат.

Пркосот во другите градови е желба, а во Битола е реалност. Реалност која доправа ќе создава иднина. Черчил рекол – не постојат вечни пријатели и непријатели, постојат само вечни интереси.

Нашиот интерес е поинаква Битола и секој кој ја гледа и сака таква е дел од тој пркос и е добредојден.

Битола ќе биди првиот град кој ќе биди ослободен од скопските партиски синџири. А за сограѓаните од едните и од другите, посебно до оние кои се спремаат да дојдат на власт, едно ќе им кажам: Можете да го убиете гласникот ама не и неговата песна. А песната за пркосот и Битола веќе одамна се пее Поинаку.

Поврзани содржини