БИТОЛЧАНКА ДАДЕ ПАРИ „ЗА СПАС НА СИНОТ“ Нова жртва на измамници за лажна сообраќајка

Полицијата ги предупредува граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на телефонски измами со лажни сообраќајки.

321

Уште една телефонска измама со лажна сообраќајна несреќа е регистрирана во Битола, каде 88-годишна жена била измамена и останала без пари и девизи во вредност од неколку илјади евра.

Како што информира полицијата, во понеделникот околу 19:30 часот, жената била контактирана телефонски од лице кое ѝ соопштило дека нејзиниот син со сопругата предизвикале тешка сообраќајна несреќа. Ѝ било кажано дека во несреќата тие се здобиле со тешки телесни повреди, а притоа прегазиле осумгодишно дете. На оштетената ѝ било посочено дека мора да плати пари за случајот да не биде пријавен во полиција од страна на семејството на детето.






Исплашена од ваквото тврдење, битолчанката собрала 1.000 американски долари, одредена сума евра и 20.000 денари, по што парите ги фрлила од својот балкон на лице кое дошло да ги подигне. Дури подоцна сфатила дека станува збор за измама и случајот го пријавила во полиција.

– Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителот – велат од СВР Битола.

Поврзани содржини