БИТОЛЧАНЕЦ СО СПРЕЈ ГО ИСПРСКАЛ НАТПИСОТ НА КЛУБОТ „Името Ванчо Михајлов внесува омраза меѓу двата народи“
Министре Спасовски. Конечно моравме ние во Битола да го избришеме името на фашистот бугарски кој направи омраза на нашиот народ македонски со бугарскиот народ. Се надевам нема да понатаму да дозволите крвнички имиња, стои во објавата на Фејсбук.
Бугарската БТВ објави видео од безбедносните камери пред клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола на кои се гледа дека човек со црн спреј го прска натписот кој од вчера е обоен со црно. Истовремено, на Фејсбук маж од Битола се пофали дека тој вчера околу 11 часот го сторил тоа бидејќи името на Ванчо Михајлов внесува омраза меѓу двата народи.
„Министре Спасовски. Конечно моравме ние во Битола да го избришеме името на фашистот бугарски кој направи омраза на нашиот народ македонски со бугарскиот народ. Се надевам нема понатаму да дозволите крвнички имиња“ – напиша во објавата битолчанецот Стефан Георгиевски.
Од надлежните институции сè уште нема официјална потврда за тоа кој го оцрнил натписот на клубот.
Клубот веќе две недели е избришан од Централниот регистар со одлука на Министерството за правда поради поврзаноста на името на Михајлов со Третиот Рајх и неговото негирање на македонската национална посебност.
Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација вчера изјави дека „прашање од милион долари е кој ќе ги отстрани таблите со името на Ванчо Михајлов“. Таа како претставник на Комисијата присуствуваше на судското рочиште по прекршочната постапка што беше поднесена против бугарското здружение и неговиот претседател Љупчо Ѓоргиевски за вознемирување на македонскиот народ со содржини поврзани со делото на Михајлов. Бендевска додаде дека истакнувањето табли спаѓа во делот на фирмарина што е регулирана согласно Законот за трговски друштва, па претпостави дека ингеренции имаат Пазарната инспекција и Општината.