БИТОЛА НЕМА ДА СТАНЕ ПРИВАТНА ФИРМА Николоски најавува најмалку две големи инвестиции
Тие знаат дека изборот е лесен за граѓаните и мислат дека можат да поткупуваат, да заплашуваат, но само ја покажуваат сопствената беда. Затоа, во недела да излеземе масовно и да не подлегнувате на заканите и на притисоците, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Битола нема да стане приватна фирма на никого. Изборот во Битола е лесен, на едната страна имаме транзициски банди, а на другата имаме чесен и посветен професионалец и затоа во недела изборот е број 7 и Тони Коњановски, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на денешниот предизборен собир во Битола.
Николоски истакна дека власта тоа го знае и затоа преку закани и уцени се обидува да ги спречи граѓаните да гласаат.
– Тие знаат дека изборот е лесен за граѓаните и мислат дека можат да поткупуваат, да заплашуваат, но само ја покажуваат сопствената беда. Затоа, во недела да излеземе масовно и да не подлегнувате на заканите и на притисоците. Тие сакаат да останете дома, да сте разочарани и да мислите дека сите се исти. Не сме исти, ние сакаме да направиме нова иднина која заеднички ќе ја градиме. – рече Николоски.
Тој посочи дека Битола заслужува да расте и да се развива бидејќи изминативе години само лоши работи ѝ се случуваат, нема инвестиции, нема грижа за градот, РЕК пропаѓа, а младите се иселуваат и додаде дека тоа мора да се спречи и затоа по победата на локалните избори ќе се работи на рушење на оваа влада.
– РЕК работи на работ, едвај произведува струја, а тоа значи дека Македонија може да потоне во темница и тоа е најцрното сценарио кое може да и се случи на Македонија. Заев и неговата банда ја донесоа на Македонија на ниво дали може да се извршуваат основни животни функции, дали ќе има електрична енергија. Затоа рушењето на владата почнува во понеделник – изјави Николоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ за Битола ќе работи на отворање на нови работни места, најмалку две големи странски инвестиции и 7 до 10 илјади работни места, силни инвестиции во инфраструктурата, затоа што сега се е во застој, гасификација, топлификација и парно до секој дом, инвестиции во спортот.