БИТОЛА Е НЕОБИЧЕН И УБАВ ГРАД Кондовски им ветува 22 големи проекти на битолчани

Заедно да создадеме град полн со живот, економски и индустриски развиен, во кој и сегашните и идните генерации гледаат перспектива, рече Христо Кондовски, кандидат за градоначалник на Општина Битола од редовите на СДСМ.

175

Денеска заедно ја заокружуваме една од најпрогресивните и најпозитивните изборни кампањи. Изборен процес, проследен со фер и демократска атмосфера како што и доликува на Битола и на битолчани, рече Христо Кондовски, кандидат за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ.

– Кампања во која доминираше гласот на граѓаните, а најгласно се слушаа реалните идеи и развојните проекти за нашиот дом, Општина Битола. Заедно со кандидатите за советници го посетивме секој ваш дом, секое населено место нудејќи го најдоброто за нашиот град, во кадровска и програмска смисла. Сакам од срце да ви заблагодарам за топлиот прием, искрениот муабет и дадената поддршка. Нема да ја изневерам. Лично за мене оваа кампања беше големо и вредно искуство. Пат во ваша придружба, при што извираа грижата и љубовта кон нашиот град, но и забелешките – што се можело досега да се направи, а не се сторило. Вашите барања до мене и зборот даден кон вас прераснаа во аманет со обврзувачка сила. Ветувам, заедно ќе го исполниме сето тоа, но не само на збор. Доста е од зборови, потребна е силна акција и секој од нас вграден во неа. Јас сум подготвен. Ја видовте мојата енергија за работа и јас видов силна граѓанска волја – рече Кондовски.






Затоа, додаде тој, најавувам локално граѓанско и институционално движење кое Битола ќе ја воздигне во модерен град во кој е задоволство да се живее.

– „Битола е необичен и убав град“. Вака, во своите историски записи, еден познат арапски патник во дванаесеттиот век го опишал нашиот град. Ако тогаш ги заслужила овие епитети, денес во 21 век, Битола заслужува да биде модерен, европски велеград. Ве повикувам заедно да ги изградиме идните впечатоци за нашиот град. Посетителите да чувствуваат восхит, а ние битолчани достоинство и гордост во душата. Ветувам дека заедно ќе ја унапредиме нашата Битола во сите области на општественото живеење. Се обврзувам да создадам ефикасна и плодотворна општина во која граѓанинот е светост, а неговите потреби се решаваат најоптимално, без задоцнување. Ветив 22 големи проекти меѓу кои: Нов ГУП, подземна сообраќајница со подземна гаража, велосипедска мрежа, нови сообраќајни влезови, обнова на локалната индустриска артерија, голем мултифункционален спортски центар, технолошки парк, нови зелени површини и субвенции за еколошки новитети, гасификација и топлификација, модерен ски-центар на Нижеполе, модернизирана и проширена Зоолошка градина – рече Кондовски.

Тој вети и стотици мерки и решенија презентирани во изборната кампања.

– Заедно да создадеме град полн со живот, економски и индустриски развиен, во кој и сегашните и идните генерации гледаат перспектива. Раздвижена и чиста општина со изградена еколошка свест, повеќе зеленило и паркови, пешачки и велосипедски патеки. Урбанистички современ и инфраструктурно обновен град со ослободен потенцијал за развој и современи сообраќајни решенија. Да изградиме привлечна туристичка дестинација која пулсира во духот на културата и забавата, правејќи од локалниот туризам најголема извозна гранка. Спортска Битола во која спортот и рекреацијата се секому на дофат, а спортските клубови – национална гордост и подвижни амбасади. Драги битолчани, ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација. Ве уверувам дека во блиска иднина Битола нема да ја препознаваат само како град на конзулите и клавирите, Широк Сокак и Хераклеја, Браќата Манаки и Кемал Ататурк – порача Кондовски.

Тој рече дека Битола ќе ја препознаваат како Град на иднината.

– Битола ќе биде град на достоинствени граѓани и на горди битолчани. Заедно ќе го вратиме старото добро чувство да си битолчанец. Градскиот часовник веќе отчукува во новиот ритам на европска Битола. Ајде заедно да го донесеме новото модерно време. Затоа драги сограѓани, ве повикувам в недела масовно да излезете на избори и да дадете силна поддршка за најдоброто за Битола. Најдоброто, на овие избори е содржано во бројот 12 – истакна Кондовски.

Поврзани содржини