Битиќи: Никој не е ставен во ист кош, подготвен сум да разговарам со угостителите

Треба да ја слушаме Комисијата и да и веруваме дека е најдобро за здравјето на граѓаните кога ќе укаже дека не е дојдено времето за олеснителни околности за работа - потенцира Битиќи.

200

Отворен сум за средби, бев отворен и пред да се донесе петтиот пакет на економски мерки, а и сега сум отворен за да седнеме и да разговараме со угостителите и да изнајдеме решение, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи непосредно пред отпочнувањето на за денеска закажаниот протест на угостителите за организирање свадби и други свечености пред Владата.

– Мислам дека решенијата се веќе изнајдени само треба соодветно да ги искомуницираме. Во овој момент битно е дали и колку ќе излеземе помалку погодени од кризата, а не дали сме погодени. Сите сме погодени од кризата, некој е погоден здравствено, а некој економски, но на крај од кризата ќе треба сите заедно да седнеме и да видиме како да заздравиме од кризата. Затоа сум отворен да седнам да разговарам со секој еден кој смета дека има потреба за разговор – рече Битиќи во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата на која беше презентиран Националниот геопортал за просторни податоци.






Тој посочи дека угостителите се идентификувани како еден од најпогодените сектори во предложените економски мерки.

– Во ниедна мерка која е донесена угостителите не се исклучени, но јас немам доблест и храброст да одам против препораките на Комисијата за заразни болести. Сите треба да прифатиме дека секој треба на професионален начин да ја одработи својата задача. Треба да ја слушаме Комисијата и да и веруваме дека е најдобро за здравјето на граѓаните кога ќе укаже дека не е дојдено времето за олеснителни околности за работа – потенцира Битиќи.

Прецизира дека угостителите за организирање свадби и други свечености не се ставени во ист кош со другите угостители.

– Механизмот од втората мерка која е предвидена во новиот пакет им дава можност на овие угостители навистина да добијат значително поголеми неповратни средства во моментот кога ќе почнат да работат заради нивните финансиски резултати и неработењето една година. Токму затоа мислам дека треба да седнеме, да разговараме и да ги објасниме сите забелешки, бидејќи никој не е ставен во ист кош – посочи вицепремиерот Битиќи.

Поврзани содржини