Бислимовски: Очекуваме приклучокот на природен гас да биде под 100 евра и да биде на рати
Тоа што е битно и треба да се знае, тендерски услов кој што ќе биде најважен е најниската цена која ќе се понуди за приклучок на домаќинствата на природен гас, а нашите очекувања се дека тоа ќе биде под 100 евра по приклучок и зависи од тоа што ќе понудат компаниите, но мислам дека тоа ќе претставува придобивка за домаќинствата кои ќе имаат низок трошок за приклучување – појаснува претседателот.
На денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски информираше дека минатата, 2020 година, е рекордна според потрошувачката на природен гас. Тој додаде дека очекува по изборот на јавниот-приватен партнер за изградба на гасоводна мрежа, приклучокот на домаќинствата да биде под 100 евра, а како услов ќе биде поставено истиот да се овозможи на повеќе рати.
– Откога е започната гасификацијата во земјата, лани е забележана рекордна потрошувачка на гас која изнесува 338 милиони нормални метри кубни и тоа е за прв пат да имаме ваква потрошувачка – рече Бислимовски.
Како што истакна тој, ова е пред се поради тоа што има зголемена потрошувачка од страна на когеративните потрошувачи на електрична енергија, како и зголемена потрошувачка во индустрискиот сектор каде што е зголемена за 43 проценти. Еднинствен пад на потрошувачката со природен гас е забележан кај металната индустрија која според него беше најпогодена, пред се поради берзанските производи кои ги нудат, а намалувањето е од 11 проценти.
– Вкупно потрошувачката на природен гас во 2020 година е зголемена за 12,5 проценти во однос на 2019 година. Сето тоа предизвика, РКЕ да определи цена за пренос на природен гас која што е пониска за 6,16 проценти. Особено радува и фактот што имаме и нови потрошувачи, преку нови домаќинства кои што се приклучени на дистрибутивните мрежи за природен гас и притоа поголемиот број е во Струмица, а помалиот број е во Куманово – вели претседателот на РКЕ.
Тој најави дека во наредниот период следува избор на јавен-приватен партнер кој што ќе ја развива дистрибутивната мрежа за природен гас во нашата земја.
– За таа цел ние како Регулаторна комисија бевме во посета на нашите колеги во Турција со цел да ги споделиме нивните искуства при развојот на нови дистрибутивни мрежи. Изработен е и првичен предлог-верзија за нова методологија за определување на цените за дистрибуција на природен гас, но на мрежи кои што ќе се градат од почеток. Очекувам со оваа методологија заинтересираните компании јавени на овој тендер да се вклучат активно во процесот на преговори кој што го води владата и до крајот на првата половина од оваа година да има избрано јавен-приватен партнер за развој на дистрибутивната мрежа – соопшти Бислимовски.
Според информациите кои ги има РКЕ во крајната фаза остануваат две компании кои имаат пројавено интерес и двете се од Турција.
Бислимовски одговарајќи на новинарско прашање вели дека главната цел на Методологијата е РКЕ во првите неколку години од работењето на компанијата ќе ја гарантираат одредената цена и притоа ќе прават контрола на првите четири години од работењето.
– Тоа што е битно и треба да се знае, тендерски услов кој што ќе биде најважен е најниската цена која ќе се понуди за приклучок на домаќинствата на природен гас, а нашите очекувања се дека тоа ќе биде под 100 евра по приклучок и зависи од тоа што ќе понудат компаниите, но мислам дека тоа ќе претставува придобивка за домаќинствата кои ќе имаат низок трошок за приклучување – појаснува претседателот.
Тој додаде дека очекува од новиот јавен-приватен партнер да обезбедни соодветни евтини кредити кои што ќе овозможат и на домаќинствата кои што ќе се приклучат на мрежата за природен гас, да ја заменат инсталацијата и тоа да го исплатат на рати на повеќе години.
Сега, во градовите каде е развиена дистрибутивната мрежа на природен гас, приклучокот чини 500 евра. Во Турција, која во последните 15 години разви сопствена дистрибутивна мрежа на природен гас во 27 свои области и има тенденција тоа да го стори и во селските средини, приклучокот во станбени згради чини 120 евра по стан.