Бислимоски: Предлагаме поддршка за струјата само за сиромашни и погодените од ковидкризата
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика смета дека намалување на ДДВ не е опција бидејќи, како што рече, на тој начин би добиле сите категории потрошувачи, а не само ранливите категории потрошувачи.
Само ранливите категории потрошувачи да добијат поддршка за заштита од енергетска сиромаштија за да се намали ударот од последното зголемување на цената на електричната енергија. Оние што немаат проблем со плаќање на сметките не треба да добијат поволности, а да се најдат категориите ранливи во кои би биле вклучени социјалните случаи и граѓани погодени од ковид-кризата.
Вака размислува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
– Инсистираме тоа да се однесува исклучиво на потрошувачи што имаат проблеми, а за оние што немаат реално проблеми сметаме дека нема потреба да се обезбедува дополнителна помош за заштита од енергетска сиромаштија -рече Бислимоски.
Според него, намалување на ДДВ не е опција бидејќи, како што рече, на тој начин би добиле сите категории потрошувачи, а не само ранливите категории потрошувачи.
– На тој начин би добиле и богатите кои реално немаат никакви проблеми за плаќње на сметките за електрична енергија. Имаме протести на кои се присутни и граѓани кои имаат екстремно скапи автомобили и сметам дека овие категории не би требало да добијат никакви поволности – рече Бислимоски.
Сепак, додаде тој во наредниот период ќе разговараме и со претставници на Владата за намалување на ДДВ-то за струјата.