БИСЛИМОСКИ ЌЕ ПОСРЕДУВА ЗА БУТЕЛ И ЧАИР ДА ДОБИЈАТ ГРЕЕЊЕ Тој е оптимист дека брзо ќе има решение
Денеска во Регулаторната комисија за енергетика ќе се сретнат претставници на ЕСМ и топлификација „Север“, за решавање на проблемот, а во изнаоѓањето на решението ќе посредуваат и регулаторите.
Додека владата, ЕСМ и топланата „Север“ решат како ќе се обезбеди гас за оваа топлана, 500 потрошувачи меѓу кои и училишта и здравствени домови, ќе треба самите да го решат затоплувањето, бидејќи за нив од вчера нема парно.
Прашањето како ќе се реши проблемот на снабдувањето со топлина на овој дел од Скопје и разликата во ставовите на двете компании ЕСМ и топлификација „Север“ стигна и до посредници. Денеска во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе се сретнат претставници на ЕСМ и на топлификација „Север“, за да го разгледаат решавањето на проблемот, а во наоѓањето решение ќе посредуваат регулаторите.
– Регулаторната комисија се обидува да посредува во разрешување на проблемот и денеска во 13 часот ќе има состанок на двете страни со посредство на РКЕ. Во сегашните услови најправилно е двете фирми да потпишат договор за деловно-техничка соработка како што се случи лани меѓу ЕСМ и БЕГ за да може ЕСМ да ги исплати парите. При тоа, потребно е разликата во цената за гасот да биде субвенционирана – вели првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој додава дека граѓаните кои се снабдуваат со топлина од топланата „Север“ нема да останат без парно.
– Тие до крајот на денот ќе добијат топлина, ако не ја добиле веќе. Или евентуално утре – вели Бислимоски.
Регулаторната комисија, додава тој, моментално не размислува за одземање на лиценцата на топланата „Север“.
– Проблемот треба да се реши и за тоа, како што реков, има можност преку договор за деловно-техничка соработка и верувам дека ќе имаме решение – вели тој.
До ваква разврска дојде бидејќи ЕСМ и топлана „Север“ не го потпишале договорот за деловно-техничка соработка со кој треба да се обезбедат пари за набавка на гас. Раководството на топланата тврди дека не може да прифати незаконски договор во кој ЕСМ бара гаранција во имот за да ја помогне топланата со 1 милион евра за набавка на гас.
– Нашата понуда е каква што беше од почетокот, како што кажавме, цената што ја одобрува РКЕ, која е некаде околу 68 денари за метар кубен гас, и реалната цена што е на пазарот што ја купуваме, т.е. разликата да се компензира на начин да бидеме ликвидни и да плаќаме за гасот – изјави вчера директорот на топланата Куштрим Рамадани.
Тој обвини дека од ЕСМ се бара топлификација да гарантира со имот дека ќе ги врати парите.
Од своја страна ЕСМ, како што соопшти, правно не може да исплати неповратно 1 милион евра на приватна фирма, туку топланата може да ја помогне само ако направат договор за техничка соработка под одредени услови кои важат и за другите субјекти кои испорачуваат топлинска енергија.
– Доколку АД Скопје Север не сака да ги прифати истите услови кои важат за сите други субјекти кои испорачуваат топлинска енергија за над 58 000 потрошувачи, одговорноста за прекин на греењето на 500 потрошувачи кои ги снабдува во општините Чаир и Бутел паѓа исклучиво на АД Скопје Север – нагласија вчера од ЕСМ.
Оттаму тврдат дека раководството на топланата одбило да го потпише договорот и бара дадените пари да не ги враќа, односно смета дека треба да му се исплати финансиска помош која не треба да ја врати, иако АД ЕСМ истите пари ги должи кон државниот буџет.
„Скопје Север побарува субвенционирање директно од АД ЕСМ, кое нашата компанија ниту има правен основ, ниту смее да го прави, односно смее да постапува исклучиво по задолжението од Владата и во рамките на одобрениот договор од страна на Владата“ соопштија од ЕСМ.
Од владата велат со заклучоците од 94- та седница се овозможува решение за снабдување со топлинска енергија и на граѓаните корисници на услугите на Скопје Север АД, преку прифаќање на предлогот од АД ЕСМ – Скопје за начинот на премостување на отворените прашања помеѓу Скопје Север АД Скопје и АД „Електрани на Северна Македонија“ – Скопје.
– Владата го задолжи Акционерското друштво за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“, во државна сопственост, Скопје, да склучи Договор за деловно-техничка соработка за грејната сезона 2022/2023 година со Друштво за снабдување со пареа и топла вода Скопје Север АД Скопје, во којшто ќе се регулираат сите права и обврски на Скопје Север АД Скопје. Со потпишувањето на Договорот за грејна сезона 2022/2023 година, не се исклучува обврската за исполнување на правата и обврските по веќе склучениот Договорот за деловно-техничка соработка. Задолжено е Друштвото за снабдување со пареа и топла вода Скопје Север АД Скопје, со потпишувањето на Договорот за грејна сезона 2022/2023 година, да ги исполни сите права и обврски од веќе потпишаниот Договор за деловно-техничка соработка, од 21.01.2022 година, со АД ЕЛЕМ – Скопје – велат оттаму.
Од владата додаваат дека АД Скопје Север во последниот период побарало помош за набавка на гас, на што Владата излезе во пресрет да помогне преку АД ЕСМ, на истиот принцип како што му се помогна на АД Скопје Север и на БЕГ во текот на претходната грејана сезона. За исходот од разговорите АД ЕСМ извести во вчерашното соопштение.
На прашањето дали се планира закуп или купување на топланата, од владата велат дека тоа зависи од акционерите во тпланата.
– Според информациите достапни до јавноста преку македонската берза, АД Скопје Север понуди акции на берза, на што како приватно АД има целосно право и нема обврска за тоа да ја известува Владата за своите бизнис планови – велат од владата.
Оттаму додаваат дека топланите опланите „Исток“ и „Запад“ се посебни производни капацитети кои се земени под наем од сопственикот АДОРА од страна на АД ЕСМ, кој по задолжение од Владата се јави на повикот на Владата за универзален снабдувач со парно греење во градот Скопје и доби лиценца од РКЕ, откако претходниот снабдувач БЕГ извести дека не е во можност веќе да ја извршува дејноста и лиценцата поради тоа му беше одземена.
– АД Скопје Север во тој период не се изјасни дека не може да ја обавува дејноста. Владата ќе ги преземе сите мерки за обезбедување на основните услови за сите граѓани на градот Скопје во однос на регулираните дејности – велат од Вадата.