„Бисери“ во македонските капитулации со Бугарија (1)
Ова е само почеток на македонските „бисерни политички патеки“, коишто неизбежно нѐ водат во длабок амбис. Ова е прва анализата на „бисерите“ од македонските срамни капитулации, во последниве години. Следна тема е вториот протокол со Бугарија, којшто е македонска цивилизациска катастрофа, а бугарски и големоалбански триумф. Го потпишал Бујар Османи, иако заслугата не е само негова.
(Договорот и првиот протокол)
Во пресрет на Илинден, на 1 август 2017 година, потпишан е договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Датумот е намерно подметнат од бугарска страна, за постапката да се поврзе со нашиот светол празник и, нели, со заедничката историја. Времето апсолутно потврди дека е тоа триумф за Бугарија и историски пораз за Македонија.
Еве ги македонските „бисери“ во овој договор.
1. Каков договор за пријателство може да се потпише со некого кој смета дека не постоиш како посебен народ, дека немаш свој јазик, историја…? Ако Софија те игнорира и присвојува, основно е да се претпостави дека тие мора да имаат специјални намери и планови за да потпишат ваков договор. Сигурно не го прават тоа за да те признаат и прифатат. Во тоа целосно и се уверивме. Се потврди дека, барем за нас, договорот е за (не)пријателство.
2. Со некој што отворено те понижува, не се потпишува ниту договор за размена на филмови, камоли за некакво пријателство. Овој договор е одличен “„бисер“ на нашите утнати, забегани и крајно неодговорни “политичари“.
3. Во договорот се повикува на – „заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“. Прво, во никој случај не смее да се прифати термин „заедничка историја“. Второ, нашите аматери морале да инсистираат на – „и двата народа“. Користената формулација – „нивните народи“, целосно се вкопува во бугарските аспирации, дека сме еден исти етникум. Бугарски. „Два народа“ е сосема друга работа.
3. 1. Така е, особено, кога сите знаеме дека Бугарија отворено тврди дека Македонците се Бугари, дека јазикот им е дијалект на бугарскиот, а историјата е заедничка. За тоа, со фалсификувани документи, Софија постојано го известува светот, а ние молчиме. Тоа е класично присвојување на македонскиот народ со отворени територијални претензии.
3. 2. Нема случај во светската историја, ниту е можно, два народа да имаат заедничка историја. Или се два народа, со свои, или еден, со заедничка. Софија официјално тврди дека сме еден народ, во две држави. Впрочем, што да каже Турција, по пет века османлиска доминација?
4. Договорено е формирање на – „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни“.
4. 1. Ова е класичен „бисер“ на политички аматери, со долгорочни и несогледливи последици за македонизмот. Надвор е од умот да формираш ваква комисија со Софија, којашто отворено тврди дека историјата е заедничка или, поточно – нивна. Се прашал ли некој од нашите капитуланти – а, што може да се очекува од една ваква комисија? Дали е можно таа реално да ја валоризира нашата историја? Особено во ситуација кога Софија ги диктира нашите услови за влез во ЕУ, а ние сме ем беспомошни, ем некадарни да се браниме? Комисијата е апсолутен бугарски интерес, целосно неприфатлив и штетен за Македонија.
5. Македонија се откажува од грижата за Македонците во Бугарија. Инаку, универзално право на матичните држави е да водат сметка за „статусот и правата“ на своите малцинства во соседните држави.
6. Договорот е потпишан – „на македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“. Истата формулација е и за бугарскиот јазик, ама тоа нема никакво значење бидејќи не е од никого оспоруван. Нашите неписмени политичари, и тоа не за прв пат, потпишуваат дека македонскиот јазик не е автохтон, не е изворен, туку произлегува од Уставот.
6. 1. Тоа е тешка национална капитулација. Самите си го игнорираме јазикот. Македонија има своја современа држава, и устав, од 1944 година година. Ако сме потпишале дека македонскиот јазик произлегува од уставот, тоа експлицитно значи наша согласност дека пред 1945 година, кога немало македонски устав, немало ниту македонски јазик. Многу просто, зарем не? Точно тоа го тврди и бугарската политика дека – постоиме од 1945 година, како измислица на Тито. Со оваа безумност, им дадовме и потврда.
7. Во договорот за (не)пријателство воопшто не се спомнува внесување на некакви Бугари во нашиот Устав, а тоа е сега главно барање не само на Софија туку и на Брисел. Таа будалштина е резултат на вториот протокол. За тоа, подоцна.
* * *
Ова е само почеток на македонските „бисерни политички патеки“, коишто неизбежно нѐ водат во длабок амбис.
Според договорот за (не)пријателство, член 12 – „Заедничка меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, заради преглед на ефективната примена на овој договор…“. Ќе ја водат министрите за надворешни работи. Тогаш ќе се потпишуваат и протоколи. Засега, оваа обврска не се спроведува доследно. За шест години, имало две средби.
Арно ама, во преговарачката рамка (член 5), се вели дека мора да се спроведуваат и – “годишните протоколи“, значи сите коишто ќе следуваат а тоа, главно, ќе бидат извештаи од Историската комисија! Ќе се регистрира што и колку сме капитулирале на историски план! Ако не се однесуваме според бугарските очекувања, ќе следува нивна – блокада!
Првиот состанок меѓу владите на Македонија и Бугарија, одржан е во Софија, на 10 јуни 2019 година. Тогаш министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Екатерина Захариева, го потпишаа и првиот протокол.
„Бисерите“ во него, најверојатно, се гледаат и од месечината.
1.Се вели: на 23 – 25 мај 2019 година, претседателите на двете собранија, Ц. Карајанчева и Т. Џафери, се сретнаа во Ватикан – “ПО ПОВОД 24 МАЈ ДЕН НА БУГАРСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ КУЛТУРА И СЛОВЕНСКОТО ПИСМО“.
2. Истото се повторува и за 2018 година – „Заедничка посета на Ватикан на премиерите З. Заев и Б. Борисов, по повод традиционалната аудиенција (кај папата) за ДЕНОТ НА БУГАРСКАТА ПРОСВЕТА И КУЛТУРА И СЛОВЕНСКАТА ПИСМЕНОСТ – 24 МАЈ“.
2. 1. Можете ли да замислите дека Н. Димитров го потпишал ова, и останал жив? Се согласил дека ние во Ватикан славиме ден на бугарската просвета и култура? Дека претседателот на Собранието и премиерот, оделе во Рим по тој повод!? Невозможно е некој што е саглам да потпише вакво нешто. Поинакво објаснување – нема.
3. Стои – „На 2 август 2018 година – во Благоевград, заедничко одбележување на 115-годишнината од Илинденското востание со учество на двата премиери, Б. Борисов и З. Заев“.
4. На 4 февруари 2019, З. Заев бил во Софија – „По повод одбележувањето на 147-годишнината од раѓањето на Делчев“.
4. 1. Значи, без никаков договор, некој копук, заеднички со Бугарија чествувал клучен настан и најважна личност од нашата историја! А, токму околу нив се вртат суштинските разлики и недоразбирања со Софија. Преку нивно присвојување, Софија сака да докаже дека ние сме Бугари. Ако тоа не е предавство, што е? Ако е така, тогаш што има некаква комисија да губи време околу ова прашање? Кога веќе некој сурогат во политиката прифатил дека и Илинденското востание и Гоце Делчев и припаѓаат на Бугарија?
Народот со право вели дека што една будала може да расипе или растури, 100 паметни не можат да поправат.
5. Во јуни 2018, МАНУ и БАН потпишале – „Платформа за поддршка на спроведувањето на Договорот за (не)пријателство…“.
Ако држи до себе, МАНУ треба под итно да се повлече од Платформата, или да ја прогласи за неважечка.
6. Се нагласува – „Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од НАШАТА ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА…“. И, продолжува – „Потребно е историската вистина ЗА НАШАТА ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА јасно да се одбележува“ … А, „Заедничката комисија за историски и образовни прашања решително да ја забрза својата активност за значајни теми од НАШАТА ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА (Гоце Делчев, Илинденското востание и други)“ … “вклучувајќи и во однос на содржината на учебниците“.
6. 1. Во самиот договор за (не)пријателство, “заедничката историја“ е спомната само во неговиот воведен дел, во преамбулата – како најава за бугарските намери и без прецизирања. Сега, во протоколот, тоа е веќе наша нагласена, клучна согласност дека сме еден народ.
7. И протоколот е потпишан на – „македонски јазик според Уставот“! Во дипломатијата, секој преседан обврзува. По ова, било која држава може да бара да се користи истата формула. Ние нема да можеме да одбиеме, кога веќе еднаш сме прифатиле. Тоа особено важи за меѓународните организации каде што Софија сигурно ќе инсистира на користење на формулацијата. Не брзаат со тоа, за да не нѐ провоцираат одеднаш и премногу. А ние, пред време да не се освестиме дека претеравме со капитулациите. Тоа, сепак, не ни гине.
* * *
Ова е прва анализата на „бисерите“ од македонските срамни капитулации, во последниве години. Следна тема е вториот протокол со Бугарија, којшто е македонска цивилизациска катастрофа, а бугарски и големоалбански триумф. Го потпишал Бујар Османи, иако заслугата не е само негова.
Завршна ќе биде детална анализа на крвничката преговарачка рамка на ЕУ. Додека е таа на сила, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. За тоа нема ниту теоретски изгледи бидејќи Бугарија нема да не пушти како Македонци. Единствен излез е да го откажеме договорот за (не)пријателство со Бугарија, заедно со протоколите. Со оглед дека се тие суштината на рамката, таа автоматски станува неупотреблива. Само така ќе си го отвориме патот кон Брисел.