„БиоНТек“ заработи милијарди од вакцината за ковид-19, сега работи на лек за злобната болест

Јас сум исклучително задоволен од уникатноста на нашиот тим и соработката со нашиот партнер „Фајзер“. До денес, доставивме над 450 милиони дози во 91 земја - рече еден од основачите на „БиоНТек“, Угур Шахин.

959

Со својата вакцина против ковид-19, „БиоНТек“ се искачи на самиот врв на светската фармацевтска индустрија – и научно и финансиски. Но, компанијата веќе размислува за времето по оваа пандемија и подготвува огромна инвестиција во Сингапур.

Во првиот квартал од минатата година, „БиоНТек“ забележа загуба од околу педесет милиони евра, но сите трошоци за истражување и инвестиции се исплатија одлично. Во моментов работи на зголемување на производството. „БиоНТек“ од Мајнц го зголеми својот промет во првиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период во 2020 година – за над 70 пати на околу 2 милијарди евра, а заработката е тројно поголема – на околу 1,1 милијарди евра.






На прво место, тоа е заслуга на вакцината: – Јас сум исклучително задоволен од уникатноста на нашиот тим и соработката со нашиот партнер „Фајзер“. До денес, доставивме над 450 милиони дози во 91 земја – рече еден од основачите на „БиоНТек“, Угур Шахин.

Компанијата е подготвена да ја преземе улогата на глобален концерн што ќе има деловни активности дури и по пандемијата со ковид-19. Нивната специјалност и понатаму ќе бидат вакцините против заразни болести – генетски модифицирани препарати за кои се предвидува дека ќе играат голема улога во медицината, сè до борбата против ракот.

Планови за периодот по коронавирусот

Што се однесува до вакцината, „БиоНТек“ планира седиште за Југоисточна Азија во Сингапур, каде се планира фабрика што ќе може да произведува до милијарда дози вакцини годишно. „БиоНТек“ не сака да зборува конкретно за висината на инвестицијата, но во секој случај станува збор за „стотици милиони американски долари“. Според извештаите на медиумите, Сингапур лесно прифатил и учествува во инвестицијата, а фабриката таму треба да започне работи веќе во 2023 година

Минатата година „БиоНТек“ исто така го основа своето седиште во Кембриџ во американската сојузна држава Масачусетс. И, договорена е соработка со кинескиот фармацевтски концерн „Фосун“, кој исто така неодамна најави изградба на нов производствен погон со капацитет од околу милијарда дози вакцини годишно. Вакцината на „БиоНТек/Фосун“ против коронавирусот треба да добие одобрување во Кина во текот на летото.

Вакцините наскоро ќе бидат доволни за секого

Најголемиот купувач на „БиоНТек“ сѐ уште е ЕУ, која неодамна значително ја зголеми својата нарачка. Се чини дека во блиска иднина ќе има доволно дози на вакцини во ЕУ, но во посиромашните земји ситуацијата е многу полоша.

Откако ова беше тема во Светската здравствена организација неколку пати, неодамна, американскиот претседател Бајден дозволи можност за суспендирање на патентот за вакцината против ковид-19, за да може да се произведува и во посиромашните земји. Угур Шахин верува дека ова не би помогнало многу во сузбивањето на пандемијата, бидејќи дури и да се суспендира патентот, ќе треба најмалку една година да се изгради фабрика каде што ќе може да се произведуваат толку сложени препарати.

Другите експерти кои ја следат работата на фармацевтскиот сектор не сметаат дека тоа ќе биде потребно: не само „БиоНТек“, туку и други производители на вакцини веќе работат на проширување на капацитетот, а во многу предвидлива иднина ќе има доволно подготовки за сите.

Поврзани содржини