🎥 БИОГРАФСКИОТ ФИЛМ ЗА МАЈКЛ ЏЕКСОН НАСКОРО ПРЕД ПУБЛИКАТА Ликот на ѕвездата го игра внукот на поп-пејачот, Џафар Џексон
„Лајонсгејт“ го објави трејлерот за „Мајкл“, биографскиот филм на режисерот Антоан Фукуа за животот на „кралот на поп-музиката“, Мајкл Џексон. Филмот во кината низ светот ќе игра од 24 април 2026. Светската ѕвезда почина на 50 години во 2009.
По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.
Биографскиот филм за Мајкл Џексон кој го игра неговиот внук Џафар Џексон, син на постариот брат на Мајкл, Џермејн Џексон, го истражува патувањето на светската суперѕвезда до статусот на крал на поп-музиката, претставувајќи интимен поглед на животот и трајното наследство на еден од највлијателните уметници што светот некогаш ги познавал.
Продуцент е Грем Кинг, кој стоеше и зад „Боемска рапсодија“. Таткото на Мајкл, Џо Џексон, го игра Колман Доминго, а Мајлс Телер го игра адвокатот и советник на суперѕвездата Џон Бранка.
Првично беше најавено дека филмот ќе има премиера на 3 октомври 2025. Иако продукцијата на „Мајкл“ заврши во мај 2024, некои сцени беа преснимувани и холивудските медиуми пренесуваа дека филмот е поделен на два дела.
Сепак, и покрај шпекулациите дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.
Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:
– Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.
Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.
Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.
Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.
Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот го прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.