БИОГРАФИЈА ПОЛНА СО СКАНДАЛИ, А НИКАКВИ СУДСКИ ПОСТАПКИ Кој е Рамиз Мерко, прогласен за непожелна личност во САД

Пред крајот на вториот мандат, во 2013 година, за него беше подигнато обвинение затоа што дозволил изградба на дивоградба, но обвинението беше повлечено во 2016 година, со оцена дека не е кривично дело. Подоцна судот во Струга го ослободи.

3,139

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кого САД го стави на црна листа на непожелни личности, во 2005 година за првпат стана градоначалник на Струга. Потоа доби уште еден мандат во 2009 година, кој му заврши во 2014 година.

Пред крајот на вториот мандат, во 2013 година, за него беше подигнато обвинение затоа што дозволил изградба на дивоградба, но обвинението беше повлечено во 2016 година, со оцена дека не е извшено кривично дело.






Во периодот кога не беше градоначалник Рамиз Мерко стана пратеник од редовите на ДУИ и од 2014 до 2016 година беше дел од парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ. По смената на власта и доаѓањето на СДСМ, стана министер без ресор, задолжен за странски инвестиции.

Во октомври 2017 година Мерко одлучи повторно да се кандидира за градоначалник на Струга, на локалните избори тогаш го победи Зијадин Села и од тогаш тера трет градоначалнички мандат.

Во биографијата објавена на општинската интернет-страница се наведува дека д-р Рамиз Мерко, до 2003 година работел како референт во Агенцијата за земјоделство, а бил и директор на семејна земјоделска аптека.

Тој сега нема бизниси на свое име, но неговиот син Генц е сосопственик на Еуро колеџ Струга, фирма во чија сопственост е Меѓународниот универзитет во Струга. Просветните инспектори пред неколку години тврдеа дека таа установа работи како „пералница за дипломи“ оти студенти учеле без нострифицирани документи, а дека имало и професори што предаваат без дипломи, меѓу нив и самиот градоначалник. Обидот на инспекторите да извршат увид заврши со нивно протерување од објектот, за што никогаш не беше покрената постапка.

Во 2019 година, Антикорупциската комисија покрена кривично гонење против градоначалникот Мерко поради злоупотреба на положбата при купувањето четири автомобили вредни вкупно 114.000 евра, и тоа во време кога општината има долг од четири милиони евра.

„Каков градоначалник сум јас, со „фиќо“ ли да одам на состаноци? Не личи градоначалник со скинати алишта и со слаба кола“ – изјави тогаш Мерко.

Во 2019 година, кога УНЕСКО инсистираше да се урнат дивоградбите во струшкиот крајбрежен појас за да се зачува статусот на Охридско Езеро, Мерко упорно тврдеше дека во Струга нема дивоградби.

Мерко низ годините даваше и други скандалозни изјави. Изјавуваше дека пукањето со пиштоли на свадбените веселби е „нормална работа“ и се залагаше јавно да се убијат сите бездомни кучиња во градот, а потоа навистина беа забележани луѓе кои ги убиваат кучињата, а екипи на градското комунално претпријатие ги собират труповите.

Заедно со Рамиз Мерко на црната листа на личности на кои им се забранува влез во САД се ставени и синот на Мерко, двете ќерки и неговата сопруга.

Поврзани содржини