„БИМИЛК“ ОСТАНУВА ВО СОСТАВОТ НА „ИМЛЕК“ ПО ПРОДАЖБАТА Искусни инвеститори ја преземаат водечката млечна компанија на Балканот
Бимилк е еден од клучните и најсовремени регионални капацитети во оваа групација.
Компанијата Imlek, водечки производител на млечни производи на Балканот, стои пред значајна промена во сопственичката структура. Во рамките на групацијата Imlek работи и Бимилк, како еден од клучните и најсовремени регионални капацитети во оваа групација. Бимилк останува составен дел од Imlek и продолжува да работи непроменето, согласно највисоките стандарди за квалитет, соопшти „Бимилк“.
Како што се наведува во соопштението, за купопродажбата постигнато е финансиско и оперативно согласување со кое Imlek преминува во сопственост на семејниот инвестициски холдинг на Андреј Јовановиќ (AJFH) како водечки инвеститор и Бојан Радун, долгогодишен генерален директор на Imlek, кој ќе продолжи да ја води компанијата и во новата структура. Договорот предвидува завршување на трансакцијата во првиот квартал од 2026 година, согласно сите редовни процедури на купопродажба.
Претприемачите Јовановиќ и Радун истакнуваат дека во Imlek гледаат огромен потенцијал за натамошен раст и развој преку засилени инвестиции, унапредување на оперативната ефикасност и континуирани иновации во производството и портфолиото. Компанијата е препознатлива по силните брендови, а нејзината водечка пазарна позиција на Западен Балкан претставува значајна основа за понатамошно проширување.
Под капата на Imlek функционираат четири производствени капацитети, каде покрај „Бимилк“ и два производни погони во Србија, е и „Млијекопродукт“ од Босна и Херцеговина.
Компанијата годишно преработува околу 350–400 милиони литри сурово млеко и соработува со повеќе од 3. 500 фармери во регионот.
Со најавената промена на сопственоста, Imlek влегува во нова развојна фаза која дополнително ќе ја зајакне неговата позиција како најголем млечен бренд на Балканот, со јасна визија за раст, модернизација и поддршка на локалното производство.