БИЛАТЕРАЛНИТЕ СПОРОВИ ДА СЕ ТРГНАТ ОД ПРОШИРУВАЊЕТО Нацрт-резолуција на ЕП која може да ја деблокира Македонија

Еден од најзначајните и најчувствителни предлози во документот е воведувањето гласање со квалификувано мнозинство во деловите од проширувањето каде сега е потребен апсолутен консензус.

0

Европскиот парламент преку својот нацрт-извештај на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), предводен од литванскиот европратеник Петрас Ауштревичиус, упатува силен политички сигнал – билатералните спорови меѓу земји-членки на ЕУ и државите кандидати не смеат да се користат како средство за блокирање на евроинтеграцијата.

Извештајот, означен како „(2025/2110(INI))“ и доставен до Комитетот на 11 ноември, го нагласува значењето на проширувањето како стратешки столб на европската безбедност и стабилност.






При презентацијата на документот Ауштревичиус истакна дека ЕУ мора да има „вистинска, долгорочна стратегија за проширување — а не ад hoc пристап“, предупредувајќи дека процесот не смее „да биде држен во заложништво од било која земја членка“.
Во текстот се истакнува дека некои земји кандидати се „заглавени“ со години, што ја поткопува довербата во кредибилноста на политиката на проширување. Европа, пишуваат европратениците, треба да ги вреднува државите кандидати според индивидуални заслуги — преку „услови засновани на заслуци“ (мерит-систем), во која владеењето на правото, независното судство, борбата против корупцијата и слободата на медиумите остануваат клучни предуслови.

Еден од најзначајните и најчувствителни предлози е воведувањето гласање со квалификувано мнозинство во деловите од проширувањето каде сега е потребен апсолутен консензус. Според нацрт-извештајот, „Европскиот парламент повторно бара премин кон квалификувано мнозинство во фазите во кои консензусот е пречка што постојано го забавува процесот“.

Ауштревичиус го засили ова барање со порака дека „ЕУ мора да ја одржува функционалноста на пристапниот процес преку навремен и транспарентен премин кон квалификувано мнозинство“.

Во документот се потенцира и можноста преговорите да бидат замрзнати доколку земја кандидат не напредува во реформите: „Пристапните преговори може да се замрзнат доколку нема значителен напредок на основните реформи, и да се обноват откако ќе бидат исполнети условите“.

Извештајот го поставува проширувањето како инструмент за јакнење на регионалната стабилност и отпорност, но и како средство за заштита од надворешни влијанија. „Проширувањето е клучен инструмент за европско обединување, зајакнување на отпорноста и заштита од штетни надворешни влијанија“, стои во документот.

Ауштревичиус предупредува дека во услови на геополитички тензии, особено со руската агресија врз Украина, ЕУ не смее да го губи фокусот од проширувањето како стратешка инвестиција. „Нашата европска визија треба да остане цврста и прагматична“, порача тој пред АФЕТ.

Од политички аспект, извештајот бара и продлабочување на регионалната соработка меѓу кандидатите, оценувајќи ја како предуслов за кредибилен и успешен евроинтеграциски процес. Во истиот контекст се адресираат и добрососедските односи, кои се наведени како основен критериум.

На финансиски план, документот бара зачувување и зголемување на претпристапната помош, особено за Западен Балкан, Украина и Молдавија, но со јасна условност базирана на реформски резултати.

Што се однесува до статусот на документот: нацрт-извештајот е во процедура, отворен за амандмани до почетокот на декември, по што ќе следува разгледување во АФЕТ и гласање. Доколку биде усвоен, текстот ќе премине на пленарна седница за конечно усвојување како резолуција на Европскиот парламент.

Усвојувањето би значело потенцијален пресврт во начинот на кој ЕУ го управува проширувањето: од процес подложен на блокади со вето, кон пофункционален, условен и помалку ранлив на политички притисоци.

Поврзани содржини