Бил Гејтс ќе го донира речиси целото преостанато богатство на Фондацијата Гејтс, која ќе престане со работа во 2045 година, многу порано од претходно планираното. Според сегашните проценки, станува збор за имот вреден околу 107 милијарди долари, пренесува Асошиејтед Прес.
Средствата на Гејтс ќе се донираат постепено, што ќе ѝ овозможи на фондацијата да потроши дополнителни 200 милијарди долари во текот на следните две децении.
– Возбудливо е да имаме толку многу ресурси што можеме да ги насочиме кон овие цели – рече Гејтс во интервју за Асошиејтед Прес.
Тој верува дека инвестирањето на неговото богатство ќе спаси и подобри животите на многумина, и дека ефектите од ова ќе траат дури и откако фондацијата ќе престане да работи.
Фондацијата Гејтс со години ги предводи светските филантропски организации. Основана е од Бил и Мелинда Френч Гејтс во 2000 година, а оттогаш потрошила повеќе од 100 милијарди долари за научни истражувања, развој на нови технологии и долгорочни партнерства со земјите и со приватниот сектор. Таа игра клучна улога во обликувањето на глобалната здравствена политика, особено во соработка со фармацевтските компании, за намалување на трошоците за лекување и обезбедување пристап до лекови за земјите со ниски и средни приходи.
Кога станува збор за критики или теории на заговор, Гејтс истакнува дека, како и секој поединец, тој има право да одлучи како ќе ги троши своите пари и сака да ги насочи кон намалување на смртноста кај децата.