Владата на денешната седница донесе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на владата на Северна Македонија, врз основа на предлозите на владината Комисија за именувања.
Согласно овие предлози, владата ја прифати оставката на Борче Хаџиев, и го разреши од должноста директор на Фонд за осигурување на депозити, на негово барање, и за в.д. директор го именуваше Амир Шабани.
Прифатена е и оставката на Армир Садики, и тој е разрешен од должноста в.д. директор на Бирото за јавни набавки, и за директор на Бирото го именуваше Борче Хаџиев.
– Владата заклучи да му препорача на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за в.д. директор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да ја избере Билјана Јовановска, а за в.д. заменик директор да го избере Шаип Зенељи, соопшти владата.
На седницата е прифатена и оставката на Орхан Рамадани и тој е разрешен од должноста директор на Фондот на здравствено осигурување, на негово барање. Именуван е Фатон Ахмети за в.д. директор на Фондот на здравствено осигурување до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.
Бесир Деари е именуван за в.д. заменик на директорот на Управата за финансиска полиција, а Блерим Идризи за в.д. заменик на директорот во Државниот завод за индустриска сопственост.