БИЛЈАНА ИВАНОВСКА ДЕМАНТИРА ДЕКА ГО ПОДДРЖУВА ЛАБУДОВИЌ „Ниту пазар со партии, ниту повикувам гласачи“
Независната кандидатка за градоначалничка на Општина Центар од првиот изборен круг, Билјана Ивановска, јавно демантираше дека дава поддршка за вториот круг на изборите за било кој кандидат, откако дел од медиумите објавија монтирани фотографии од неа и кандидатот Мирослав Лабудовиќ. Со кратка, но јасна објава на Фејсбук, Ивановска појасни дека не стои зад ниту еден кандидат, ниту учествува во политички пазари: „Да бидам јасна, ниту со партии пазар правам, ниту повикувам гласачи. Секој нека си гласа по свое убедување и одговорност“, напиша таа.
Лабудовиќ во неколку настапи изјави дека со Ивановска имале „слични ставови и визија за Центар“ и дека очекува нејзините гласачи да застанат зад него во недела.
Слична ситуација имаше и на почетокот на кампањата. Тогаш Лабудовиќ тврдеше дека добил поддршка од Здружението на пензионери на Општина Центар – тврдење што веднаш го негираше претседателот на здружението, Злате Стефановски, со појаснување дека „ниту имало средба, ниту е дадена било каква поддршка“.
В недела, Центар повторно гласа. Во вториот круг ќе се соочат актуелниот градоначалник Горан Герасимовски и кандидатот на ЗНАМ Мирослав Лабудовиќ. Во првиот круг Герасимовски освои 8.535 гласови, а Лабудовиќ 5.707.
 
			