Биг Мајки, хев а проблем нау!

Во право е генсекот на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ. После големата заплена од 40 тони марихуана, во круговите поврзани со бизнисот со марихуана владее паника. А може и ДЕА да има замешано прсти. Само, мислам дека генсекот ја утнал адресата на која ги испраќа своите пораки. Најмногу сега треба да се секира тој што има најголемо влијание во овој бизнис. Мислам, го знаеме сите чувеко, да не го именувам сега. Неговото владеење ионака беше познато по криминални и корупциски скандали. Името му го забравам, ама не забравам дека многу добро говоре англиски јазик. И затоа он пак нека си го викне Биг Мајк, да бараат чаре за бизнисот и за доброто на Македонија. Та нели сме европска суперсила во производство на канабис?!

0

СДСМ тврди дека ДЕА, американската агенција за борба против наркотици, доставила податоци за скандалот со 5 тони марихуана запленети во Србија, за кои се тврди дека потекнуваат од Македонија. И дека тоа било причина за „паника во власта на премиерот Христијан Мицкоски“, откривање на „длабокиот криминал на актуелната власт“ итн.

Верувале или не, сево ова го изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ, на официјална прес-конференција на Бихаќка.






А од каде знае генсекот на Бихаќка дека обвинителствата во Србија и во Македонија добиле „клучни податоци“ од ДЕА?

Од „неофицијални информации од медиумите во Србија“, вели тој.

Нормално. И јас поставувам некакви глупави прашања…

СДСМ толку многу е „навлечен“ на наративи од просторот што таа партија го нарекува „српски свет“, што безрезервно ги прифаќа и ги рециклира во својот добро познат информерски стил, веќе темелно разработен во рубриката „соопштенија на СДСМ“.

Жал ми е што некој и младиот Александар Саша Димитријевиќ го втурнал во тој глупав филм, што дури и непроверената информација за можната добра соработка на ДЕА со обвинителствата во двете земји ја доживува како тема за „скандал“, а не како добра вест.

Не лидери, туку лидеришта се тоа, еј!

Не верував дека ќе дојде ден ете јас – како апсолутен лаик, со апсолутни предрасуди кон сè што е поврзано било со нелегална било со легална употреба на наркотици – да им објаснувам на дечкиве од екипата на Зоран Заев и на Венко Филипче основни прашања на темата „дрога“.

Зборуваме, сепак, за величини како Заев и Филипче, не за лидери ами за лидеришта на легализацијата на производството на канабисот за медицински цели, не само во Македонија, туку и во регионот и многу пошироко.

Зборуваме за двајца пионери во овој бизнис, кои во 2019 година, во ситуација на некаква преодна криза во бизнисот (не се сеќавам веќе што беше маката), на највисоко државно ниво – Заев во својство на премиер, а Венко Филипче како министер за здравство – во Скопје го примија американскиот бизнисмен Мајк Штрауметис со прекар Биг Мајк, познат како еден од поголемите производители на канабис во светот, жовијално наречен „кралот на марихуаната“.

Сеансата со Биг Мајк, „кралот на марихуаната“

Е тој Биг Мајк, воодушевен од самиот факт што доживеал пречек на највисоко државно ниво, тогаш, на Инстаграм, самиот си објави фотографии и кратко видео од средбите со премиерот Заев, со министерот Филипче и со градоначалникот на скопската општина Центар Саша Богдановиќ. Така ние дознавме за таа легендарна сеанса во Владата. Во краткото видео на официјалниот Инстаграм профил, Биг Мајк тогаш даде историска изјава:

„Возбуден сум да ви најавам дека земјата ќе ја направам европска суперсила на канабисот“.

Владата на Заев тогаш избегна јавно да соопшти за што се разговарало со Биг Мајк и каков дефект бил оправан. Можеби младиот генсек Александар Саша Димитријевиќ може да се информира, па да ни каже. И да ни каже дали Заев, Филипче и Штрауметис успеале од Македонија да направат „европска супер сила на канабисот“.

Судејќи според количествата на запленета марихуана деновиве, скромните 5 тони во Србија и повеќе од 40 тони во Македонија, очигледно – успеале.

И што да се каже за кралот Биг Мајк, освен да се повтори онаа реплика на Лаки во „Маратонци трче почасни крууг“:

„Ала је оправио, свака му част!“

Сите скандали во времето на Зоран Заев – баш случајно?

А на ДЕА ѝ отвориле работа. Зашто, таму кај што цвета легалното производство на канабис, цвета и нелегалната трговија со марихуана.

Генсекот Александар Саша Димитријевиќ можеби и не знае дека соработката на ДЕА со органите на кривичниот прогон во Македонија не одела секогаш така глатко, како што сугерираат сега неговите „неофицијални информации од медиумите во Србија“.

Во македонските медиуми можат да се најдат еден куп потврдени информации за многу сериозни скандали кои се однесуваат на односите меѓу ДЕА и нашите органи на прогонот, како и за блиската поврзаност на луѓе од македонските институции со локалните нарко-кланови.

И сите тие скандали се во времето кога на власт е СДСМ на Зоран Заев, човекот за кого и порано се тврдеше дека е алфа и омега во овој бизнис, а ВМРО-ДПННЕ сега тврди дека контролира две третини од бизнисот со марихуана во Македонија.

Од тука треба да почне разоткривањето, другарчиња од Бихаќка!

Што беше онаа работа со Трајче Заев?

На пример, се сеќава ли Александар Саша Димитријевиќ дека во јануари 2023 година, една позната албанска телевизија објави дека има прислушувани разговори, кои покажуваат дека високи функционери од тогашната владејачка коалиција во Македонија директно интервенирале за да се оневозможи успешна операција против шверц со дрога преземена од странска агенција?

Албанската телевизијата тогаш прстот го впери кон Трајче Заев, братучед на поранешниот премиер Зоран Заев. Имено, лице кое поседувало аудио-снимка поврзана со шверц на наркотици, тврдеше телевизијата, комуницирало со Трајче Заев, известувајќи го за ситуацијата. Трајче Заев, откако ја преслушал аудио снимката, со шифрирана порака му одговорил на тој што го има аудиото: „Мислам дека (ова) би била многу позната книга кога би била објавена. Според мене, оваа книга треба да има што помала публика, но секако дека зависи од вас. Ајде да договориме уште една средба, следната недела“.

Колку што мене ми е познато, Трајче Заев никогаш не ја демантираше приказната на албанската телевизија. Можеби генсекот на СДСМ има поинаква информација?

Инаку, дел од македонските медиуми тогаш објавија дека се работи за компромитирана акција на американската агенција за борба против наркотици, ДЕА. Од прилогот на албанската телевизија, сепак, не можеше да се заклучи кога и каде се случил настанот, ниту пак за која странска агенција се работи.

Соработката со ДЕА – колку стативи, толку голови

Останаа сомневањата дека можеби станува збор за акцијата „Планина“ од март 2021 година, за која генсекот на СДСМ би требало нешто да знае. Ако не се сеќава, не е страшно, ќе се потсетиме заедно.

Тогаш, во март 2021 година, во две синхронизирани акции во скопското село Грчец и во Гази Баба, беа уапсени вкупно 21 лица. Но, беа фатени само продавачите, додека шестемина главни нарко-босови, по кои се трагало, избегале уште претходно. Пленот беше скромен: 80.000 евра, 5 килограми марихуана и 600-700 грама кокаин. Поранешната обвинителка за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Русковска, се пожали дека акцијата била пробиена.

Но, после ова искуство, ќе уследи нова акција под диригентската палка на ДЕА: во април 2021 година, во комбе на патот Прилеп – Росоман, во близина на Плетвар, МВР заплени 200 килограми марихуана во вредност од 800.000 евра. Дрогата била наменета за Грција. Тогаш беа приведени шест лица, меѓу кои и полицискиот командир од Прилеп, Кире Спиркоски Чипсио, но и личниот возач на Трајче Заев. Иако не беше докажано дека марихуаната потекнува од домашни фабрики за производство на медицински канабис, на две фирми им беа одземени лиценците.

Со еден збор, Македонија има богата „историја“ на соработка со ДЕА. Имало очигледно и многу „стативи“, ама имало и чисти погодоци од пеналтикот.

Бизнис по принципот „пола пије, пола Шарцу даје“

Инаку, Александар Саша Димитријевиќ би требало да знае дека во неколку наврати во 2020 година беа крадени големи количини марихуана во фабрики за медицински канабис. Во фабрика во село Јосифово кај Валандово, во декември 2020 година биле украдени 2 тони марихуана, а скромни 231 килограми биле пронајдени во скопско Арачиново. Потоа биле пронајдени и 60 килограми марихуана во крушевско, за кои постоеше сомнеж дека се украдени од фирма за медицински канабис во Крушево.

Сево ова укажува дека одгледувањето марихуана за медицински цели не е само доходовен легален бизнис, туку и бизнис каде што се можни и големи злоупотреби по принципот „пола пије, пола Шарцу даје“. Заплената во Србија плус количеството од неверојатни 40 тони запленета марихуана во Македонија тоа го потврдува.

На Бихаќка и каменот и дрогата секогаш од блиску доаѓаат

Генсекот на СДСМ за едно е во право – во круговите поврзани со бизнисот со марихуана деновиве владее паника.

И треба да биде паника!

Само, не верувам дека е точна адресата на која Александар Саша Димитријевиќ ги упатува своите пораки – но ете, ние сме тука да ги проследиме на вистинската.

Генсекот допрва ќе научи дека на Бихаќка и каменот и дрогата секогаш од блиску доаѓаат.

Значи, најмногу сега треба да се секира тој што има најголемо влијание во овој бизнис. Мислам, го знаеме сите чувеко, да не го именувам сега. Неговото владеење ионака беше познато по криминални и корупциски скандали. Името му го забравам, ама не забравам дека многу добро говоре англиски јазик. И затоа он пак нека си го викне Биг Мајк, да бараат чаре за бизнисот и за доброто на Македонија.

Та нели сме европска суперсила во производство на канабис?!

Поврзани содржини