БИФЕТО ВО ВЛАДАТА НЕРЕДОВНО ИЗДАВАЛО ФИСКАЛНИ СМЕТКИ ВО 2024 ГОДИНА Ревизорите утврдиле дека владината служба била неажурна околу државниот имот

Службата за општи и заеднички работи давала опрема и инвентар на други институции и општини без соодветна документација.

1,275

Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) не води редовна евиденција на имотот што го поседува Владата, па се случува дел од продадениот имот уште да се води за државен. На списокот на вработени има голем број привремени ангажирања, дел и без соодветно образование, а набавката на автомобили преку лизинг не е добро планирана и регулирана. Ова се дел од забелешките на Државниот ревизор во извештајот за финансиското работење на СОЗР во 2024 година.

Ревизорите утврдиле и дека голем дел од годината во владиното бифе не се издавани фискални сматки, а дневниот промет не се уплаќал дневно туку на период од повеќе месеци, а во одделни периоди е регистриран значително низок износ. Од извршените услуги во угостителските објекти (ресторани и бифеа со кои управува Службата) во текот на 2024 година остварени се приходи наплатени во готово во износ од 18.146 евра.






„Забележан е низок износ на уплатен дневен пазар поради прекин во одржувањето на фискалната апаратура, а за јуни 2024 година не се издавани фискални сметки, ниту парагон блокови за остварен промет во готово што е спротивно на законот за регистрирање готовинско плаќање“, констатираат ревизорите.

Ревизорите утврдиле и дека по извршениот попис за 2024 година, утврдена е разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба на залихите на прехранбени производи во главниот магацин, во износ од 4.187.000 денари  (околу 68.000 евра) без предложени мерки за решавање на состојбите.

Проблеми има и со ситниот инвентар кој го поседува Владата. Ревизорите утврдиле дека во пописот за 2024 година, утврден е кусок на ситен инвентар во употреба од 4.208.000 денари (околу 68.400 евра) за кој не се преземени мерки за утврдување на одговорност кај вработените лица.

– Причина за тоа е што не може да се потврди дали кусокот произлегува од несоодветно управување на задолжените лица или поради утврдени недоследности на софтверската апликација за евидентирање на промените кај залихите – велат ревизорите.

Забелешка има и за набавката на 45 автомобили на лизинг, практика која СОЗР ја има повеќе години.

„Недостасуваат процедури или упатства со кои ќе се уреди планирањето на потребата од набавка на возила, не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за натамошно обезбедување со возило по пат на лизинг, односно дали за набавката постои реална потреба.

Според ревизорите, нема практика да се врши детална и сеопфатна анализа на економската оправданост од лизингот, односно да се земат предвид сите трошоци во однос на сите користи кои произлегуваат од истиот или Cost-benefit анализа.

Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) не води редовна евиденција на имотот во земјиште во вредност од 19.970.454.000 денари (околу 325 милиони евра) што го поседува Владата, па во нејзината евиденција се нашла парцела која одамна е продадена. Одделни продадени парцели сѐ уште се водат во евиденцијата. Такво е и земјиштето на улица Јордан Мијалков (стари бараки на СОЗР) во износ од 439.734.000 денари кое одамна е продадено и се изградени објекти на приватен правен субјект.

„За земјиштето во Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и во Дојран, СОЗР нема податоци и информации дали и за што се користи или за евентуални промени во сопственоста иако истото е со проценета вредност од 130.201.000 денари (2,2 милиони евра)“, се наведува во извештајот.

Постои неизвесност при користење и располагање со земјиштето и околу и под зградите, а исто така останува неуредно прашањето за тековно и инвестициско одржување на објектите кога во нив се сместени повеќе институции.

Ревизорите утврдиле дека 92% од вредноста на опремата што ја поседува СОЗР е отпишана што укажува дека СОЗР располага со стара опрема. Дел од опремата е дадена на институции и општини, но за тоа нема документација.

„Евидентирани се 865 пумпи за вода и 18 генератори од кои мал дел се наоѓаат во СОЗР. Опремата е набавена во 2016 година за справување со поплавите во селото Стајковци за што се потрошени 19.592.000 денари, најголем дел се дадени на Министерството за одбрана – АРМ, дел на општините Шуто Оризари, Аеродром, Илинден, Арачиново без да биде поткрепено со соодветна документација“, се наведува во извештајот.

СОЗР чува и залихи во вредност од 11.587.000 денари (околу 190.000 евра) од кои 95% се застарени и неупотребливи залихи, за кои по спроведениот попис за 2023 и 2024 година иако е даден предлог за нивно расходување истите до моментот на ревизијата сѐ уште не се расходувани.

Забелешки има и за начинот на ангажирање на 21 привремено ангажирани лица во текот на 2024 година за кои се исплатени 3.274.000 денари согласно договори со приватни агенции за вработување.

„Дел од лицата се ангажирани за вршење редовни работни задачи за работни места од категорија Б, односно раководители и помошник-раководители на сектори и одделенија, кои согласно член 24 од Законот за административни службеници се обврзани да поседуваат високо ниво на знаење, компетенции, искуство и сертификати. Дел од нив не го исполнуваат условот образование“, додаваат ревизорите.

Тие утврдиле дека во дел од набавките за обезбедување на објектите се фаворизирани одредени фирми.

„За физичко обезбедување на објектите на државната управа, по која склучен е договор во септември 2021 година утврдивме фаворизирачки елементи во делот на докажување на техничка и професионална способност, односно понудувачот да има најмалку 3 договори од ист тип со предметната набавка склучени и реализирани во последните 3 години, од кои минимум еден договор да е со вредност од најмалку 50.000.000 денари“, се наведува во Извештајот.

Забелешки има и за избор на оператор за сервисирање на моторните возила со кои располага Службата.

„Склучена е Рамковна спогодба со три економски оператори, со вкупна вредност од 10.620.000. Кај два економски оператори, 50% од набавените услуги и резервни делови во 2024 година не се предвидени во техничката спецификација и листа на цени што упатува на несоодветно планирање на потребни делови“, се наведува во извештајот.

Поврзани содржини