Биди папучар, седи дома!

1,242

Уметничка акција „Седете дома“ е изложена денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје со цел да ги асоцира граѓаните да седат дома и да се придржуваат на мерките за изолација и физичка дистанца. Акцијата е изработена без никаков директен контакт на членовите на групата, односно е работена етапно и секвенцијално од различни автори.

– Уметничката акција „Седете дома“ е наменета да им помогне на граѓаните да истраат во физичката излолација и сведувањето на излегувањето на минимум во овие мигови кога изолацијата е можеби најефикасното средство за борба против епидемијата. За претстава на оваа интервенција ги избравме папучите кои претставуваат синоним за останување дома, но и синоним за почитување на мерките и наредбите, бидејќи во скопскиот сленг терминот „папучар“ најчесто се користи за некој кој безпоговорно ги следи наредбите и советите, а во овие мигови сметаме дека токму тоа ни е потребно – вели Никола Писарев, организатор на акцијата.






Со оваа акција, како и со претходната насловена „Држете дистанца“, додава Писарев, сакаме да покажеме дека уметноста и културата и во овие тешки моменти се со граѓаните и дека сите мора да бидеме сплотени за да си го вратиме животот во нормала.

И оваа акција е посветена на здравствените работници кои секојдневно се жртвуваат за подобро утре на сите нас.

Поврзани содржини