Библиотека за играчки, облека за миленици и ароматизери од портокалови лушпи

Ова се трите победнички идеи за 2021 година на натпреварот „Зелени идеи“ кои денеска ги претстави здружението за социјални иновации „АРНО“. Тие ќе не претставуваат на регионалниот натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, БиХ, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012. година.

579

Денеска (16 јуни) здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците за 2021 година на националниот натпревар „Зелени идеи“.

Станува збор за идеите „Прва библиотека за играчки“ на Горјана Боневска, „О-круг: производство на есенцијални масла и ароматизери од отпадни лушпи од портокал“ на Марија Бургиева кои ќе се натпреваруваат за поддршка од 5000 долари и идејата „Мини Ирина Тошева“ на модната дизајнерка Ирина Тошева која ќе се натпреварува за поддршка од 10 000 долари на регионалниот натпревар.






За националните победници „АРНО“ и годинава обезбеди поддршка од партнерите: вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000 и бесплатна регистрација на платформата Connect2MK која ја менаџира „Македонија 2025“. За избраниот победник во категорија на зелени идеи е обезбедена и наменска менторска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија, пакет менторски услуги од „Македонија 2025“ или учество во нивната програма CESO SACO. И оваа година АРНО на победниците им доделува парични награди: 2000 американски долари за победникот од првата категорија и ваучери од 1500 американски долари за победниците во категоријата зелени концепти.

На натпреварот годинава пристигнаа 33 апликации од кои вкупно 13 се натпреваруваа во македонското финале. Жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експерти од различни полиња и институции: Дриљон Исени од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Игор Изотов – Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Габриела Мицевска- експерт за одржлив агробизнис (програма ИМЕ-Паладиум), Данчо Димков од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг МКА2000, Бранислав Марковски од Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), Михаил Матески од Македонија 2025.

„Патот кон зелената економија не е проследен со пластични зелени балони. Патот кон зелената економија не е зелено светло за се што светка зелено. Патот кон зелената економија не е лесен, исто колку што и транзицијата не е едноставна. И ние тоа го знаеме, и знаеме колку е тешко да се аплицира со бизнис модел во кој ќе се рефлектираат вредности, бизнис во чиј центар се човекот и природата, и бизнис кој треба да опстои во еден суров свет кој до сега е учен да експлоатира суровини без да се праша дали некогаш ќе ги снема. И затоа ние сме многу благодарни што и оваа година, чудна, ужасна година, имаме луѓе кои размислуваат за бизнис модели кои се мали, но се наши, локални и можат да бидат пример и инспирација за сите“, рече Ирина Јаневска од АРНО.

Повеќе за победниците прочитајте на порталот „Арт кујна“.

Поврзани содржини