🎥 БИ СЕ ВРАТИЛ ВО КОАЛИЦИЈА СО СДСМ, АМА САМО ЗА ПЛАТА ОД 5.000 ЕВРА Стојанче Ангелов планира да викне жива музика кога ќе си оди од ЦУК
Би се вратил во коалиција со СДСМ, ако ме бараат како професионалец, но за плата од 5.000 евра. СДСМ покажа голем демократски капацитет, но не успеа да се погрижи за тоа што го баравме: да го усвои законот за бранители, истакна лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
Дали ќе ја напушти коалицијата со ВМРО ДПМНЕ и дали повторно би се вратил во старата коалиција доколку СДСМ победи на изборите, лидерот на политичката партија Достоинство, Стојанче Ангелов, рече дека би го сторил тоа, но за плата од 5.000 евра.
Во емисијата „Клан дебата“ на ТВ Клан Македонија, Ангелов зборуваше и за причините поради кои одлучил да ја напушти коалицијата со СДСМ и да се приклучи на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
– Би се вратил во коалиција со СДСМ, ако ме бараат како професионалец, но за плата од 5.000 евра. СДСМ покажа голем демократски капацитет, но не успеа да се погрижи за тоа што го баравме: да го усвои законот за бранители. Ова е голема неправда. Јас имам големи колеги и пријатели и во СДСМ и во ДУИ. Бев критичен и додека бев во Владата. Доаѓам од десниот блок и СДСМ ги знаеше моите ставови, но ДУИ беше товарот, што не дозволи СДСМ да работи како што треба. Многу важен момент е што Ковачевски, министерката Петровска ни дадоа поддршка и ова треба да се пофали – рече Ангелов.
Претседателот на партијата „Достоинство“ Ангелов рече дека е потребно да се направи целосна преобразба на општеството, да се укине балансерот при вработување, како и да се спроведат реформи, кои ќе овозможат влез на нашата земја во Европската Унија.
Запрашан дали ќе си замине од функцијата директор на ЦУК, Ангелов укажа дека државата се наоѓа во специфична ситуација.
– Талат Џафери е технички премиер. Во овој момент најголема партија е СДСМ. Ние до пред неколку дена бевме во коалиција со СДСМ. Мое убедување и убедување на СДСМ е дека треба да останам. Го разбирам и Талат Џафери и тој се наоѓа во непријатна ситуација затоа што претходно се разрешија министри од крилото на Таравари. Мој став е да останам до крај и да ја послушам сугестијата од врвот на СДСМ. Јас се трудам да бидам искрен, јас не фрлам со дрва и камења по моите коалициски партнери. Мечките се будат од зимски сон, доаѓа сезона на пожари, поплави. Јас сум член на НАТО комитетот. Ако не одам во Вашингтон ќе имаме непроценливи штети – изјави Ангелов.
Ангелов повтори дека тој е одговорна личност и дека му било кажано од Ковачевски да остане на позицијата директор.
– Имам дозвола од Миле Зечевиќ кој ми кажа седи таму, државата е во прашање. Мислите дека сакам да останам во ЦУК да работам? Во канцеларијата имам само две цвеќиња, а кога ќе си одам ќе викнам жива музика и ќе фрлам камен – рече Ангелов.