БИЈОНСЕ ЌЕ СЕ ЖАЛИ Доналд Трамп без дозвола ја користеше песната „Freedom“ во кампањата
Стивен Чеунг, портпарол на Доналд Трамп, сподели видео на социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер, од поранешниот американски претседател како излегува од авионот во вторник на 20 август со песната „Freedom“ на пејачката Бијонсе.
Стивен Чеунг, портпарол на Доналд Трамп, сподели видео на социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер, од поранешниот американски претседател како излегува од авионот во вторник на 20 август со песната „Freedom“ на пејачката Бијонсе, пренесува „Пипл“. Тоа веднаш го привлече вниманието на јавноста бидејќи и Камала Харис исто така ја користеше песната на неколку настани во кампањата, но за тоа имала дозвола.
Иако Бијонсе не го коментирала видеото, американскиот магазин „Ролинг стоун“ објави дека кампањата на Трамп немала дозвола да ја преземе песната и дека пејачката се заканила дека ќе се жали на неовластеното користење на нејзината песна од нејзиниот албум „Lemonade“ од 2016 година. Портпаролот на Доналд Трамп го избриша видеото набргу по објавувањето.
Да потсетиме, пејачката Бијонсе одобри Камала Харис да ја користи нејзината песна „Freedom“ во текот на целата кампања за претседателските избори во САД. Бијонсе, која обично е строга околу давањето дозвола за користење на нејзината музика, наводно дала одобрение по само неколку часа, напиша тогаш „Си-ен-ен“.
Камала Харис во својата прва официјална посета на изборниот штаб, влезе со песната Freedom, а потоа ја користеше на неколку други настани во кампањата.