Откако беше емитувано интервјуто на Опра Винфри со принцот Хари и неговата сопруга, Меган Маркл, се огласи и пејачката Бијонсе, која ѝ пружи поддршка на војвотката од Сасекс.
Музичката дива на својата вебстраница упатила зборови за поддршка на Меган Маркл, со нивна заедничка фотографија која настанала на премиерата на анимираниот филм „Кралот лав“, во 2019 година, во Лондон.
„Ти благодарам Меган за твојата храброст и лидерство. Сите сме посилни и инспирирани од тебе“, напишала Бијонсе.
Нивната средба се случила само неколку дена откако јавноста дозна дека Хари и Меган се повлекуваат од кралските должности.
Покрај Бијонсе, Меган доби поддршка и од нејзината пријателка, тенисерката Серена Вилијамс.
„Меган Маркл, мојата несебична пријателка, го живее својот живот и е водена од емпатија и сочувство. Таа ме учи секој ден што значи да се биде навистина благороден. Нејзините зборови ја илустрираат болката и суровоста што ја доживеа“, напиша Серена на Инстаграм по емитувањето интервју за кое зборува целиот свет.
Меган го обвини кралското семејство дека лаже, дека не им пружиле поддршка неа, на нејзиниот сопруг и детето, а ги обвини и за расизам.
„Нема да живеам во страв, многу работи се кажани, но не знам како очекуваа дека по целиот овој период ќе молчиме, кога продолжуваат да шират лаги во врска со нас. Ако изгубиме нешто поради тоа, не е важно – многу работи веќе изгубивме. Го изгубив татко ми, изгубив дете и го изгубив својот идентитет. Сакам сите да знаат дека постои и друга страна, дека животот е вреден“, рече Меган.
ФОТО: Твитер