БИ БИЛ ПРЕДАВНИК АКО РЕЧАМ ДЕКА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ Е ЗАТВОРЕНО Навикнете се на Влада чиј приоритет е Македонија
Би било несериозно, неодговорно и издајнички од моја страна ако јас кажам дека македонското прашање е затворено. Напротив, јас ќе се борам за македонското прашање сѐ додека сум премиер, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
„Прочитав дека Грците ме обвинуваат за иредентизам поради тоа што кажав дека македонското прашање сѐ уште не е затворено. Навистина не знам каде се препознале и дали можеби имаат грижа на совест, па сега им работи посвеста. Оти, знаете, Фројд е чудна работа“.
Вака премиерот Христијан Мицкоски денеска одговори на новинарско прашање за реакцијата од грчкото Министерство за надворешни работи поради изјавата што тој ја даде во САД, а се однесуваше на македонското прашање, кое, според него, сѐ уште не е затворено.
– Јас нема да навлегувам во дебата. Македонското прашање нема да биде затворено сѐ додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е да бидеме полноправна членка на Европската Унија, кога ќе се испочитуваат пресудите на Судот за човекови права во однос на македонската заедница во Бугарија. Вие гледате дека во 21 век сѐ уште е предизвикан и македонскиот идентитет. Би било несериозно, неодговорно и издајнички од моја страна ако јас кажам дека македонското прашање е затворено. Напротив, јас ќе се борам за македонското прашање сѐ додека сум премиер. Граѓаните тоа го очекуваат од човекот којшто ја предводи македонската Влада. Јас знам дека во минатото имало луѓе кои ја предводеле македонската Влада, а на кои ова прашање воопшто не им претставувало приоритет, но ќе ве молам да се навикнете на Влада чиј прв приоритет е македонското прашање – рече Мицкоски по увидот на градежни активности на патот Катланово-Градманци во Општина Петровец.