Би бил ли пописот релевантен кога икс граѓани би одбиле да се попишат?
Колку проценти ако не се попишат, пописот ќе биде нерелевантен не може со сигурност да се каже оти станува збор за масовна статистичка операција. Сметаме дека ќе имаме релевантен попис, вели Јасмина Ѓорѓиева од ДЗС.
Од Државниот завод за статистика и од Владата нема одговор во кој случај пописот ќе се смета за нерелевантен, односно колкав е бројот на граѓани што би одбиле да се попишат би бил прагот за пописот да биде прогласен за нерелевантен. И од двете институции велат дека се надеваат на успешен попис и повторуваат дека пребројувањето на граѓаните е задолжително, а во спротивно ќе треба да се платат казни.
– Пописот е задолжителна активност на ДЗС и се водиме од програмата. Спроведувањето не е нешто за што одлучува Статистика. Во текот на самиот попис граѓаните ќе одговорат. Колку проценти ако не се попишат пописот ќе биде нерелевантен не може со сигурност да се каже оти станува збор за масовна статистичка операција. Сметаме дека ќе имаме релевантен попис – вели Јасмина Ѓорѓиева од ДЗС.
Владиниот портпарол Душко Арсовски повтори дека стандардите за заштита при пописот се највисоки и во целост ги заштитуваат попишувачите и граѓаните.
– Строго ќе се следат протоколите. Попишувањето е задолжително. За тие што ќе одбијат да се попишат ќе следат казни од 300 евра – вели Арсовски.
Владата и ДЗС не одговорија и дали некој ќе понесе одговорност ако по пописот има нов кластер и дали се подготвени на заболените граѓани да им го платат болничкото лекување.
Од ДЗС информираат дека во последното деноноќие се попишани повеќе од 20 илјади граѓани, државјани на Македонија кои живеат и престојуваат во странство, со што вкупната бројка на оние кои се самопопишале до утринава во 9 часот е 121.580 лица. Најмогу се попишале од Швајцарија, Германија и од Италија.
Ѓорѓиева вели дека викендов заврши последниот дополнителен конкурс за попишувачи, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што требало во одредени пописни реони и нагласи дека се задоволни од одѕивот. Денеска во сите пописни реони каде се барале попишувачи има тестирање на кандидатите, а се очекува во следните денови да ги имаат резултатите и да почнат да се изготвуваат решенијата за ангажирање на попишувачите. Во следните денови продолжува и дистрибуцијата на материјалите потребни за работа на комисиите на пописните реони, а почнуваат и обуките на реонските инструктори кои потоа ќе бидат оспособени да ги обучуваат реонските попишувачи.
– Засега сѐ се одвива според планот и роковите кои досега беа предвидени и нема никакви одложувања на сите постапки и процедури – рече Ѓоргиева.