БИ-БИ-СИ РЕЧЕ „ИЗВИНИ“, НЕ ДАВА МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ЗА ТРАМП Медиумот се правда со 5 аргументи за монтираниот клип

Во одговорот, Би-Би-Си изнесе дека монтирањето не било намерно и дека спорниот клип не бил наменет да се гледа изолирано, дека документарецот не бил емитуван на американскиот пазар, дека Трамп сепак не бил оштетен бидејќи бил избран за претседател и дека политичкиот говор е заштитен со законите за клевета во САД.

278

Би-Би-Си официјално му се извини на американскиот претседател Доналд Трамп поради епизодата на „Панорама“ од 2024 година, каде што монтажата на неговиот говор од 6 јануари 2021 година создала „погрешен впечаток дека претседателот директно повикал на насилство“, јави „Гардијан“.

Корпорацијата призна дека направила уредничка грешка и дека програмата нема повеќе да се емитува.






Притоа, Би-Би-Си ги отфрли барањата на Трамп за отштета. Неговиот правен тим најави тужба од 1 милијарда долари ако не се издаде формално повлекување, извинување и надомест.

Поради аферата, оставка поднесоа генералниот директор на корпорацијата, Тим Дејви, и директорката на вестите, Дебора Тернес. Претседателот на Би-Би-Си, Самир Шах, испратил и лично писмо до Белата куќа, наведувајќи дека „жали за начинот на кој е монтиран говорот“.

Меѓутоа, во одговорот до адвокатите на Трамп, Би-Би-Си изнесе пет клучни аргументи. Според Би-Би-Си:

– документарецот не бил емитуван на американскиот пазар;

– Трамп не бил повреден бидејќи бил повторно избран за претседател;

– уредувањето не било злонамерно туку скратена верзија на долг говор;

– спорниот клип долг 12 секунди не бил наменет да се гледа изолирано;

– политичкиот говор е заштитен со законите за клевета во САД

Ќе маршираме до Капитол и ќе ги бодриме нашите храбри сенатори и конгресменки, изјави Трамп на 6 јануари 2021 година.

Неколку минути подоцна додаде:

– И се бориме. Се бориме како пекол.

Во емисијата, овие делови биле споени како една целина: „Одиме до Капитол… и јас ќе бидам таму со вас. И се бориме. Се бориме со сета сила.“

Трамп за „Фокс њуз“ изјави дека неговиот говор бил „искривен“ и дека монтажата „ги заведела гледачите“. Подоцна „Дејли телеграф“ откри уште една слична ситуација во емисијата „Њузнајт“ од 2022 година, каде што, исто така, биле изменети делови од неговиот говор.

Поранешниот шеф на кабинетот на Белата куќа, Мик Малвани, предупредил дека говорот бил „составен од различни делови“ и дека таквите уреднички интервенции „создаваат погрешна историја“. Би-Би-Си тврди дека ги истражува наводите и ќе преземе мерки за подобрување на уредничките стандарди.

Поврзани содржини