📽️ БИЈАТ КАМБАНИТЕ НА БОГОРОДИЧНАТА ЦРКВА ВО ПАРИЗ Ѕвоната на Нотр Дам одекнаа за првпат по повеќе од пет години од катастрофалниот пожар
Враќањето на камбаната е дополнителна етапа во оживувањето на една од најголемите катедрали на Римокатоличката црква, регистрирана како светско наследство на УНЕСКО и еден од најпосетуваните споменици во Европа.
Осумте ѕвона на катедралата Нотр Дам во Париз денеска заѕвонија по повеќе од пет години од пожарот кој сериозно ја оштети зградата, јавува агенцијата Франс прес.
Малку пред 10:30 часот, ѕвоната кои се движат со помош на мотор, биеа едно по друго додека заедно не постигнаа хармоничен звук, јавуваат медиумите.
– Ова е прекрасна сцена, важна и симболична, сите ѕвона се заедно за првпат по пожарот – рече Филип Јост, кој ја предводи јавната институција одговорна за реставрација на катедралата.
По завршувањето на реставрацијата, катедралата треба да биде отворена на 7 декември.
Раководителот на работата на поставувањето на ѕвоната рече дека сè уште не е сè совршено, но дека првиот тест поминал добро и дека сѐ ќе биде доведено до совршенство.
Враќањето на камбаната е дополнителна етапа во оживувањето на една од најголемите катедрали на Римокатоличката црква, регистрирана како светско наследство на УНЕСКО и еден од најпосетуваните споменици во Европа.
За време на пожарот на 15 април 2019 година, северниот дел од катедралата мораше да биде обновен, а за да се направи тоа, осумте ѕвона во кулата мораше внимателно да се отстранат, исчистат и обноват.
Камбаните носат имиња на личности кои ја одбележале таа епархија и црква.
Обновените ѕвона, од кои најтешкото е четири тони, беа вратени во катедралата во средината на септември.