БГНЕС: Преседан се „црвените линии“ на Македонија што ги предлага Лисабон

Декларацијата на Советот на ЕУ би требало да ги потврди едностраните декларации на Бугарија и на РСМ што би значело дека ги израмнува на едно ниво државата-членка – Бугарија и земјата-кандидат – Македонија, анализира БГНЕС.

2,647

Бугарската новинска агенција БГНЕС денеска објави документ за кој пишува дека се дискутирало на средбите во Софија на португалскиот министер за надворешни работи Августо Сантуш Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи со бугарскиот политички врв.

Според анализата на БГНЕС, документот предвидува бугарските предлози да се префрлат во рамки на Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА), во кој не се носат никакви оперативни решенија. За разлика од пристапните преговори во рамките на ПСА на Бугарија ѝ се одзема можноста да реагира ако Македонија не ги исполни обврските. Од документот станува јасно дека властите во Скопје треба да изготват план чие исполнување треба да се следи во рамките на ПСА, но тоа има апсолутно козметички и неоперативен карактер. Во следните 4 години РСМ многукратно прави програмски документи, кои потоа демонстративно и арогантно не ги исполнува, се наведува во текстот на БГНЕС.






Во предлогот од португалското претседателство на Советот е предвидено да има паралелни еднострани декларации на Бугарија и на Македонија. Тоа, според БГНЕС, е целосно апсурдно зашто двете држави имаат билатерален Договор за добрососедство потпишан на 2 август 2017 година, кој е депониран во ООН.

„Сведоци сме дека властите во Скопје три години не го исполнуваат тој договор, кој ќе поверува дека еден нов декларативен и правно необврзувачки договор ќе довде до негово исполнување?“, прашува БГНЕС.

Документот од Португалија предлага РСМ „да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 г.“, но тоа одамна е признат факт од властите во РСМ. Спорното тука е за потеклото на тој јазик а не датата на неговата кодификација и тој клучен момент е пропуштен во предлогот на Претседателството. Во него се предвидува двете држави да донесат еднострани декларации за краткото и долго име на РСМ, а РСМ веќе трета година одбива да го направи тоа со Вербална нота до ООН. Предлогот за „потврдување“ на значењето на чл. 11 од Договорот преку едностраните декларации на никаков начин не ја обврзува РСМ да ја смени политиката за постоење на таканареченото „македонско малцинство“ во Бугарија и неговото промовирање на меѓународен план, наведува БГНЕС.

БГНЕС наведува дека во предлогот се зборува и за „црвените линии“ на Македонија што според агенцијата, е преседан.

„Декларацијата на Советот на ЕУ би требало да ги потврди едностраните декларации на Бугарија и на РСМ што би значело дека ги израмнува на едно ниво државата-членка – Бугарија и земјата-кандидат – Македонија. Никогаш досега при преговорите за членство земјите-кандидатки немале право на вето во преговарачките рамки. Предлогот за вклучување на ’странски експерти‘ во историската комисија е исто така необјасниво откако тоа е отфрлено од бугарските претставници уште пред две години“, заклучува бугарската агенција.

Агенцијата нагласува дека документот ги повторува предлозите од германското претседателство кои се отфрлени на крајот на минатата година.

Поврзани содржини