Безвредната илузија на спознанието на историјата и себепоништувањето
Навистина се прашувам што за македонскиот правник претставува компатибилност на научната мисла? Дали треба историската научна мисла да се врами во политички договор и комисиски да се дефинира како „вистина“, за да биде компатибилна? Дали треба да бидеш странец, за да бидеш релевантен, односно дали македонските историчари за него не се компатибилни сами по себе?
Уште Римјаните, оние учените, како императорот и филозоф Марк Аврелиј, осознале дека „сѐ што ќе чуеме е мислење, а не факт. Сѐ што ќе видиме, е перспектива, не вистина“. Уште повеќе, Аврелиј констатирал дека „мислењето на 10.000 луѓе е без вредност доколку никој од нив не знае ништо за предметот“.
Еден правник и поранешен македонски министер за надворешни работи, очигледно не го знаел, или, не го разбрал Аврелиј. Во спротивно не би си зел за право да пресудува што е историска „вистина“ и да посочува, кој, што и како треба да пишува „компатибилна“ историја. Во сета своја професионална неетичност, правникот оди дотаму да го осуди „срамното поведение на нашите историчари кои вртат глава и пред пишани докази наместо вистинито да ја кажат приказната“, обвинувајќи ги за „изливите на непријателства во македонскиот народ и меѓу двата народа“. Тој не ги обвинува политичарите или комисијата произлезена од политичкиот договор за претензиите за утврдување на политички коректна „вистинита“ историска приказна, адаптирана на потребите на Бугарија и нејзиното читање на „доказите“, туку ги напаѓа македонските историчари поради нивната некомпатибилност на ваквите политики.
Притоа тој не прави разлика помеѓу национална историја и генерализирана западна и светска историја. Според неговата логика, која е целосно спротивна на меѓународното право, не може и не треба да постои национална историја, бидејќи таа мора да биде компатибилна со западната и светската и тоа онака како што тој единствено ја поима. Но, според истата логика на правникот, ваквиот преседан треба да важи само за Р. Македонија, бидејќи македонската национална историја како посебна, не е компатибилна со бугарската и оттаму не треба да биде различна, туку „заедничка“.
Пред да дава совети, би требало да ја прочита мислата на американскиот историчар и библиотекар на Конгресот на САД, Даниел Џ. Борстин, кој во 1984 година укажал дека „најголемиот непријател на знаењето не е неукоста, туку илузијата на знаењето“. Тоа ќе му послужи да се соочи со фактот дека е анахрон и ирелевантен за македонската сегашност, чиешто минато претендира да го менува.
Наместо да ги критикува македонските историчари, би требало како правник и експерт за меѓународна политика и право, прв да се спротивстави на тенденциите преточени во билатерален протокол со кој се продуцираат историски „вистини“ на други нации, што е без преседан во меѓународното право. Поддржувајќи го протоколот и политичките диктати на работата на комисијата за историски и образовни прашања, тој всушност се согласува што седуммината членови се ставаат над Уставот, и над сите македонски научни и образовни институции, што го вклучува и неговиот некогашен факултет. Се согласува комисијата да стане клучен критериум за преговорите на Р. Македонија во ЕУ, со условено членство, не засновано на респектирање на европските вредности и на карактерот на научната мисла, туку на поништување на сето досега напишано од македонската историографија, за новокреираната историска „вистина“ да стане компатибилна со бугарската.
Во историјата имало случаи на осуда на меморијата (damnatio memoriae), на инквизициски судови, прогонства, спалување книги, цензури, но тогашните протагонисти сега се посочуваат како пример за никогаш да не се повторат. Од осудувачи на меморијата, тие самите се осудени од историјата која сакале да ја избришат, како воопшто да не постоела.
Како професор требало да ги подучува своите студенти дека методологијата на научната работа не познава авторитети и историски „вистини“, а најмалку компатибилност со политички диктирани историографски догми.
Пред да се повикува на правилноста на политички дефинираните формулации за „објективни историски факти“, требало да знае дека утврдувањето на „фактите“ од членовите на комисијата е всушност нивна субјективна интерпретација, што е во целосна спротивност со карактерот на научната мисла и на западната методологија, на која самиот се повикува. Воедно, требало да знае, дека историските факти, сами по себе се субјективни, бидејќи биле составувани од личности кои го одразувале конкретното време и момент, во најголем дел сообразувајќи се со политичките агенди и идеолошките и пропагандни цели на тогашните елити. Затоа, најновите методолошки тенденции во западната историографија се фокусирани на критичка анализа на изворните сведоштва, кои не се третираат како факти и докази од кои ќе произлезат историски „вистини“. Бидејќи, критичкото истражување налага да се знае кој, како и од кои мотиви го составил сведоштвото, што во суштина му придава субјективен карактер на креирањето на фактот и го сведува на перспектива, а не на вистина.
Пред правникот да советува како да се изучува историјата, требало да знае дека во сите држави во светот, националните наративи преточени во учебниците по историја, имаат цел да градат свест за припадност на нацијата. Затоа Хрватска и усвои посебен закон, за да ја заштити својата национална историја и национален идентитет по влезот во ЕУ од глобализацијата.
Досега немало случај некоја суверена држава и независна нација под политичка присила да го менува националниот наратив и тоа во согласност со историографијата на други нации. Бидејќи тоа ќе значи присилно менување на свеста за припадноста кон нацијата. Со други зборови, тоа што правникот го заговара е промена на идентитетот на македонскиот народ и градење „бугарска“ национална свест, преку ревизијата на македонската национална историја по диктат и терк на Бугарија, злоупотребувајќи ја притоа западната историографија, а која се спротивставува на ваквите националистички тенденции.
Пред правникот да порачува што македонскиот историчар треба да работи и да го поучува како треба да пишува за да биде „компатибилен“, однапред неосновано осудувајќи го за напишаното, требало да провери дека неговата монографија „The Blinded State“ е всушност првата оригинално објавена на англиски (и воопшто на друг „западен“ јазик), во западната издавачка куќа Brill со традиција од 17 век, а која е научно валоризирана со анонимни рецензии (peer-review) од врвни светски познати научници од областа. Тоа ја прави монографијата на македонскиот историчар единствена во западната и светската историографија за Самуиловата држава, во која научно се анализираат историографските дебати во повеќе од еден милениум. Постои само уште една монографија за Самуиловата држава на англиски јазик, но истата е превод од оригинално објавената книга на професорот Стјепан Антолјак на македонски јазик пред повеќе од педесет години. Останатите, исклучително ретки монографии специјално посветени на Самуиловата држава се објавени во Србија и во Бугарија, на бугарски и на српски јазик, со далеку помал истражувачки и хронолошки опсег.
Затоа би му препорачал на македонскиот правник да ја прочита монографијата на македонскиот историчар, која од минатата година е достапна и во превод на македонски јазик. На 500-ни страници, со над 1000 фусноти и над 900 користени библиографски единици, монографијата за првпат во македонската и воопшто во западната и светската историографија, ја проследува историографската интерпретацијата на Самуиловата држава почнувајќи од нејзиното фомирање во 10 век, сѐ до современите контексти на 21 век. Притоа ќе согледа како современиците во Балканот во различни времиња, почнувајќи од византиската и балканската елита од средновековието до подоцнежните гласови во модерниот период, ја претставувале Самуиловата држава и ја експлоатирале за сопствените политички агенди и територијални аспирации кон Македонија. Ќе може да ја увиди искривената идентитетска претстава за Самуиловата држава, која се манифестирала преку конструирањето на терминологија подредена на византиската империјална идеолошка програма, што резултирало со нејзино „ослепување“, а кое продолжува и при рециклирањето во пост-византиските и модерните ехопи. Ќе може да прочита дека традициите за Самуил продолжиле да се негуваат во Охрид и во Македонија, за разлика од Османлиска Бугарија, која го реоткрила Самуил во втората половина на 19 век и тоа благодарение на Русија за легитимирање на проектот за Голема Бугарија. Интересот за Самуиловата држава произлегол од фактот што претставувал историски синоними за Македонија, што ја претворило во објект на присвојувања од балканските национализми во различните историски епохи, воени агенди и политичко-идеолошки доктрини за легитимирање на аспирациите на македонската територија и наметнување на својата верзија на идентитетот. Нешто што продолжува и 1000 години по неговата смрт.
Македонскиот правник ќе може да согледа од напишаното од македонскиот историчар дека византиските современици на Самуил во ниту еден случај не ја именувале Самуиловата држава како „бугарска“ или „Бугарија“, ниту воопшто го именувале Самуил по име. Дека Василиј II не бил познат под прекарот „Бугароубиец“ додека бил жив, кој му бил придодаден многу подоцна кон крајот на 12 век, туку официјално бил нарекуван „Скитикус“ – победник над Скитите, како што стои и на неговиот епитаф. Ќе увиди дека не постои изворно сведоштво дека Самуил било кога се повикувал на бугарските царски и црковни традиции, односно дека Самуиловата држава не била продолжение на Првото Бугарско Царство. Напротив, ќе согледа дека Самуил формирал независна држава и црква, засновајќи ја својата политичка и црковна програма на традициите поврзани со јадрото на државата во Југозападна Македонија. Затоа и византиските современици на Самуил, го опишувале воениот судир на Василиј II со Самуил, како борба за „земјата на Македонците“. Ќе увиди, дека терминот „Бугари“ е воведен по ликвидирањето на Самуиловата држава, кој произлегува од византискиот конструиран административно-црковен термин „Бугарија“ (кој немал етничка димензија), со што Василиј II настојувал да ја врами Самуиловата црква и територијата на ликвидираното царство во политичко-идеолошкиот концепт на Византија, креирајќи со тоа фиктивна идеолошка доминација, која не постоела во време на Самуил. Дури подоцна, во 70-те години од 11 век, овој административен термин ќе биде проектиран за Самуиловата држава, со што Византија настојувала да ја демонстрира својата идеолошка супремација, негирајќи го со тоа идентитетот и традициите на некогашното царство.
Македонскиот правник може да погледне и во Südosteuropas. Bd. 1: Herrschaft und Politik in Südosteuropa von der römischen Antike bis 1300 (Berlin, Boston: De Gruyter Oldenbourg, 2019) или во The Routledge handbook of East Central and Eastern Europe in the Middle Ages, 500-1300 (New York: Routledge, 2021), или да увиди како Joseph Figliulo-Rosswurm, „Review: Whose Middle Ages? Teachable Moments for an Ill-Used Past, by A. Albin, M.C. Erler, T. O’Donnell, N.L. Paul, and N. Rowe,“ Journal of Medieval Worlds (2020) 2 (3-4): 137–139, упатува да се прочита монографијата: „The European continent’s southern and eastern thirds offer much to scholars of several topics discussed here, such as immigration, inter-faith negotiations, intercultural exchange, and the nationalist use of medieval figures and events (See, for example, M. B. Panov, The Blinded State: Historiographic Debates about Samuel Cometopoulos and His State (10th-11th century) (Leiden/Boston: Brill, 2019).
Би му го препорачал и поглавјето во книгата на истиот македонски историчар, кое ќе се објави во Routledge, во контекст на термините Македонија и Македонци и концептот на Ромејството, за да го согледа западниот критички тренд во контекст на субјективноста на византиските/римските автори и променливоста во употребата на терминологијата за постигнување на моменталните политички цели и идеолошка пропаганда.
Затоа, навистина се прашувам што за македонскиот правник претставува компатибилност на научната мисла? Дали треба историската научна мисла да се врами во политички договор и комисиски да се дефинира како „вистина“, за да биде компатибилна? Дали треба да бидеш странец, за да бидеш релевантен, односно дали македонските историчари за него не се компатибилни сами по себе? Или, некомпатибилноста произлегува од тоа што бугарските историчари мислат поинаку, а нивното мислење е „вистина“, која треба безрезервно да се прифати?! Бидејќи македонскиот народ има „погрешна“ историја и поради тоа има различен идентитет од „бугарскиот“ и затоа треба да се коригира?!
Доколку смета дека „бугарската“ верзија за македонската историја е онаа „вистинската“, односно дека Македонците се само идеолошки конвертирани Бугари кои говорат бугарски дијалект, треба конечно јавно да признае (или барем самиот себеси). Така, барем ќе биде до крај искрен за неговите мотиви за oсуда на македонските историчари, прогласувајќи ги притоа „бугарските“ историографски конструкти под руско менторство од 19 век, како компатибилни со „вистината“, а под лажниот превез на западната и светската историографија.
А македонскиот историчар сигурно ќе продолжи да публикува во западни издавачки куќи, придонесувајќи за развој на македонската и светската историографија, во услови на цензура во сопствената држава.
Македонскиот историчар притоа изразува силна увереност дека тој и неговите колеги историчари нема да дозволат со некакви протоколи и политички диктати да се воведе Орвеловска контрола над македонската национална историја, која на крајот ќе треба да биде поништена за да стане компатибилна со бугарската историска „вистина“.
„Кој го контролира минатото ја контролира иднината. Кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото“ … „Минатото беше избришано, бришењето беше заборавено, лагата стана вистина“ (Џорџ Орвел, 1984).