Безобразните инсинуации на вицепремиерката за политики за лошо владеење

Наместо да размисли за добронамерните укажувања на врвни правни експерти, на кои Грковска не им е ни до глуждовите од стапалата, таа јавно ги обвинува дека се соработници на криминалот и на корупцијата. Тоа е таа патетична, лигава и очајничка поза, карактеристична за дел од луѓето од актуелното раководство на СДСМ. Затоа на 8 мај ќе бидат поразени, а потоа, кој ќе го знае, можеби ќе ги фрлаат на клада сдсмовциве по словото на истиот закон за рестриктивни мерки што морало да се донесе брзо и по секоја цена.

4,769

Во интервју за „Слободен печат“, Славица Грковска, жена која во владата на поранешниот премиер Димитар Ковачевски се закити со функцијата „заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење“, зборувајќи за предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, го кажала следново:

„Една од најдобрите работи која произлезе од покренувањето на оваа иницијатива е што ќе се види колку навистина оние кои се за борба против корупцијата и организираниот криминал се искрени во тоа, а колку е тоа само флоскула. И ова ги извади на површина сите оние коишто се спремни и по цена на своето достоинство да ги бранат повеќе криминалците, отколку јавниот интерес и интересот на сите граѓани“.






Оваа изјава на Грковска е олицетворение на неодговорноста, на безобразлукот и на злата предумисла со која таа предложи законски текст, којшто и со духот и со словото се коси со Уставот, спротивен е и неусогласен е со неколку клучни македонски закони, меѓу кои и со Законот за кривична постапка, а крши и неколку клучни одредби од Европската конвенција за човекови права, која е дел од нашиот домашен правен поредок.

Јас не сум единствениот што го критикував овој недоветен и неодржлив законски проект. Многу поважно е тоа што ниту еден релевантен експерт од стручната јавност којшто го коментираше проејктот на Грковска, не пропушти да ги истакне неговите фатални слабости. Од самата влада стасуваа информации дека премиерот Димитар Ковачевски и Грковска овој законски текст го прогласиле за „врвен приоритет“ и дека со него на најнедостоинствен начин ѝ се додворуваат на американската амбасадорка Ангела Агелер, попусто надевајќи се дека Калето ќе ги спаси од жесток пораз на изборите.

Сите експерти беа свесни дека поради критиките на сметка на тој закон, пропагандата на СДСМ медиумски ќе ги осомничи, ќе ги обвини и ќе ги осуди за соработка со криминалот и со корупцијата. Па сепак, неколку значајни имиња од областа на уставното и од кривичното право одбија да потклекнат пред таа закана и доблесно ги изложија своите експертски ставови, чиј заеднички именител е ноторната вистина дека на Македонија воопшто не ѝ е потребен ваков закон и дека во регулативата постојат инструменти и канали за легален и брз трансфер на сите докази, документи и сомневања од било каде и од било кого до македонските органи за кривичен прогон.

Легендите, пак, велат дека амбасадорката Агелер вложила напори да се протурка овој закон и дека за таа цел повикувала на брифинзи важни луѓе од јавната администрација. Не знам дали е тоа вистина, но знам дека некој морало да процени дека на тој начин не може да им се помогне на Грковска, на Ковачевски и на сите нивни другарчиња во пресрет на изборите.

На 8 мај СДСМ ќе доживее пораз. Основната причина за изборниот дебакл ќе бидат токму политиките на лошо владеење со земјата, коишто ги наметнаа владите на Заев и на Ковачевски. Тоа е факт што го регистрираат сите истражувања на јавното мислење. Нема анкета во која избирачите владините политики не ги оценуваат како лоши и во кои не се заклучува дека земјата оди во погрешна насока.

И најважно – нема анкета во која криминалот и корупцијата не се посочуваат како најголеми проблеми на општеството во периодот на владееењето на СДСМ и на ДУИ.

Денес сите знаат дека овој недоветен и неодржлив проект за промоција на владата во истражител, во обвинител и во судија – значи, во ентитет што ќе го замени целокупниот правосуден систем – е кулминација на лошите политики на владеење на СДСМ и на ДУИ.

Сите знаат дека Славица Грковска ги поткопува уставниот поредок на земјата и принципот на поделба на власта.

Од авион се гледа дека ова е обид во Македонија да се инсталира политика на некаков повампирен макартизам, наследство од кое и самите слободоумни Американци со децении сакаат да се ослободат.

Јавниот линч на критичарите на законскиот проект на Грковска – а станува збор буквално за сите луѓе од стручната јавност кои се огласија во врска со него – е дрзок обид за враќање на вербалниот деликт во јавниот дискурс, а утре можеби и во имплементацијата на вака замислениот закон.

И затоа, наместо да размисли за добронамерните укажувања на врвни правни експерти на кои Грковска не им е ни до глуждовите од стапалата, наместо да се скурдепса и да се извади од кашата со лута запршка што ја зготвила, таа и во овој јавен настап се промовира во апологет на правниот волунтаризам и во креатор на нови политики на лошо владеење. Својата нервоза таа сега ја манифестира и со безобразни инсинуации на сметка на јавни личности, кои нема храброст ни да ги именува.

Тоа е таа патетична, лигава и очајничка поза, карактеристична за дел од актуелното раководство на СДСМ. За жал, зборуваме за оној дел од раководството којшто е најгласен и којшто веројатно ќе ги дизајнира и предизборните наративи на таа партија.

Грковска досега ги избегна сите јавни дуели и шанси храбро да го брани својот глупав и непотребен закон. Наместо тоа, одвреме-навреме таа се појавува во медиуми коишто ѝ се блиски и таму пласира инсинуации и оговара како баба на троножец сретсело.

А тоа го плаќаме ние, даночните обрзници. Грковска ова го прави за дебела функционерска плата, која во последната година порасна како ниедна друга плата во земјата, веројатно како некакво разбирање на „јавниот интерес“.

И налет нека е платата – нервира бре тоа плачипичење, тоа јавно оговарање, тој безобразлук невиден!

Со вакви ликови ли СДСМ ќе се бори против криминалот и корупцијата?

Да бидам искрен, понекогаш си велам, па што си запнал Героски, пушти ги абдалите нека го донесат тој глупав закон, па утре нека дојде некоја нова влада и таа нека си прави свои црни листи, нека ги черечи истите овие шапшали коишто ти сега ги убедуваш дека борбата против злото во едно демократско цивилизирано општество не смее да се води со неправни средства…

Па нека биде – со свој закон по своја глава!

Поврзани содржини