БЕЗОБЅИРНА НАЈАВА ЗА МЕНУВАЊЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК Ново кривично дело не се воведува кампањски
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, поранешен судија, ја коментира најавата на министерот за правда Бојан Маричиќ за воведување ново кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило".
„Со кампањско и популистичко менување на називи на кривични дела од областа на сообраќајот нема да се реши проблемот”, коментира адвокатот Владимир Туфегџиќ, по најавата на министерот за правда Бојан Маричиќ дека во Кривичниот законик ќе се воведе ново кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило”.
„Ако е проблем казнената политика, тогаш тоа не се решава со популизам, козметика и со менување назив на кривично дело. Најлесно е, поради актуелните случувања, да се каже дека се воведува ново кривично дело ‘безобзирно управување со моторно возило’, а притоа да не се кажува суштината на промената и целите кои треба да се постигнат на планот на генералната и специјалната превенција“, пишува на Фејсбук поранешниот судија Туфегџиќ.
За да извршиш измени во Кривичниот законик, додава тој, не е доволно само да се даде изјава за да се каже нешто во јавноста, треба истовремено на јавноста да ѝ се каже дека сето тоа мора да помине, комисиска, законска и собраниска процедура и гласање во законодавниот дом, значи процес одавде до вечноста.
„Вака се стекнува погрешен впечаток дека промената ќе биде утре”, пишува Туфегџиќ.
Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска најави дека за новото кривично дело ќе се предвидува затворска казна до три години.
– Сакам да ја информирам јавноста дека во рамките на Работната група на Министерството за правда за изготвување нов Кривичниот законик вградуваме ново кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ за што се пропишува затворска казна и до 3 години, а доколку има смртни последици казната најмалку 4 години затвор – рече Маричиќ.