ДОДЕКА СЕКОЈ МОЖЕ ДА РАЗМНОЖУВА КУЧИЊА, НЕМА ЛЕК ЗА ПРОБЛЕМОТ НА БЕЗДОМНИТЕ Пари се фрлаат за џабе, улични кучиња има многу и опасни се!
Експертите и здружението „Анима Мунди“ предлагаат законски решенија за одговорното сопствеништво на домашни миленици. Клучно е да се воспостави забрана за размножување на миленици, освен во услови на регистрирани одгледувалишта и тој бизнис сериозно да се даночи. Треба да се воспостави забрана за напуштањето на домашните миленици, а неодговорните сопственици сериозно да се казнуваат.
Трајно решение на проблемот со бездомните кучиња постои, но потребна е силна политичка волја, многу посветеност и ангажман од страна на сите институции на системот.
Случаите со напади од улични кучиња речиси секојдневно се составен дел на полицискиот билтен. Ситуацијата е влошена до степен што глутници шетаат низ Скопје и низ други градови, а општините немаат начин да се справат со проблемот. Вина имаат и неодговорните сопственици кои ги напуштаат своите миленици кои потоа неконтролирано се размножуваат.
Очигледно е дека спроведувањето на стратегијата „Залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“ не ги дава посакуваните резултати, бидејќи популацијата на бездомни кучиња е во постојан пораст.
Во обид да истражи дали се бараат нови законски решенија за овој децениски проблем, Плусинфо се обрати до Јавното претпријатие „Лајка“ и до Здружението на граѓани за заштита на животните „Анима Мунди“, најинволвирани и најекспонирани за оваа тематика.
„Анима Мунди“ вели дека проблемот со прекубројноста на бездомните кучиња никако не може да го реши градот Скопје или која било општина, сè додека суштински не се измени Законот за заштита и благосостојба на животните и додека не се прецизираат обврските на сите институции и обемот колку резултати треба да испорача општината на годишно ниво. Сегашниот начин на справување со бездомните кучиња, резултатот во Македонија е исклучително негативен. Со години земјата нема соодветна законска регулатива со која прецизно се дефинираат одговорното сопствеништво, подарувањето, трговијата на животни, а неодговорното сопствеништво (размножување, напуштање) е изворот, клучниот причинител на нови бездомни кучиња улица.
Политики без ефект
Историски, во Македонија досега се спроведувале две генерални политики.
Од една страна, тоа е политиката на убивање, како начин на намалување на популацијата напуштени кучиња. Таа политика не дава забележителни резултати, како во поглед на намалување на брпојот на бездомните кучиња, така и во создавањето одговорни сопственици, а најмалку во однос на едукација за позитивен соживот меѓу луѓето и животните. Масовното убивање на животните во бројни локални прифатилишта во Куманово, Штип, Битола, Струга, во минатото и во Скопје, е документирано и најстрого осудено од страна на многу македонски граѓани, од организации за благосостојбата на животните, од иселеници, од туристи, но и од претставници на Европскиот парламент. Покрај тоа, централните и локалните власти имаат потрошено огромни средства за оваа цел. Животните се изложени на суровост, која поминува несанкционирано.
Од друга страна, спроведување на стратегијата „Залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“, се врши во обем кој во ниту еден случај не одговара на реалните потреби на општините. Станува збор за обем кој опфаќа помалку од 50% од затекнатите животни кои се репродуктивно способни, при што нестерилизираните животни многу бргу ја надоместуваат бројката на оние кои се стерилизирани. Повторно, финансиските загуби се енормни, а успехот изостанува.
– Непостоењето усогласена законска рамка која ќе ги третира и опфати сите горенаведени ризици и предизвици придонесува да проблемот се провлекува со децении и да имплицира сериозни финансиски загуби. Доколку целиме да го третираме овој проблем, со намера да постигнеме трајни и одржливи резултати за граѓаните и за животните, од клучно значење е спроведување на структуриран и комплексен систем, кој опфаќа услуги од законодавен, образовен, правен и здравствен аспект, примена на унифицирана национална програма во сите единици на локалната самоуправа и третирање на сите точки на ризик. Како за пример, Град Скопје да ги стерилизира сите кучиња денес и сите да се стационираат или да се вдомат, ние не можеме да превенираме појава на нови и нови репродуктивно способни животни веќе утре. Секојдневно активистите и градот се соочуваат со нови и нови исфрлени кучиња или прилив на нови единки од другите општини, по што ефектот од програмата „Залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“ изостанува – велат од „Анима Мунди“.
Што треба да се менува во законот?
Овој проблем е комплексен и неопходна е усогласеност на повеќе сегменти, за да се остварат резултати, а се почнува од законската рамка. Од „Анима Мунди“ велат дека нивните барања им се интересни на политичарите само пред избори и за пи-ар. Сите ги ставаат нивните барања во нивните изборни програми, но реален интерес не постои, ниту од аспект на благосостојбата на животните, ниту од аспект на заштитата на граѓаните. Н ги интересира ни заштедата на финансиите кои тековно се одлеваат во исплати на отштети од каснувања, наместо да бидат благовремено наменети за решавање на проблемот од корен.
– „Анима Мунди“ со години укажува на проблемите и доставува конкретни предлог законски измени, кои до моментов се игнорирани од институциите во целост. Веруваме дека од одредени причини некому ова безредие му е од интерес. Посочуваме дека постоечкиот закон е лош и не дава основа проблемот соодветно, сестрано, системски да се третира и да се реши – категорични се во Здружението.
Така, според Здружениетo, со предлог измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните, кои сме ги доставиле до надлежните институции, неопходно е:
- Прецизно се дефинира одговорното сопствеништво: да се воспостави забрана за размножување на миленици, освен во услови на регистрирана одгледувачница и сериозно даночење; да се воспостави забрана за напуштањето на милениците; да предвидат сериозни казни за прекршување на забраните.
- Да се воспостави забрана за трговија на домашни миленици, освен во случаи на регистрирана одгледувачница.
- Најпрецизно да се регулира трговијата со домашни миленици во пет-шоповите и во одгледувачниците (кучиња, мачки).
- Да се воведе законска забрана за евтаназија на бездомни животни.
- Законски да се обврзат општините за планско, брзо и масовно спроведување на програмата „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“, во размери кои соодветствуваат со реалните потреби на општините (75% од слободните единки), доследно, без импровизација, без нарушувања преку комбинирани пристапи и слично.
- Законски да се предвиди едукација за концептот на одговорно сопствеништво, важноста од стерилизација, вакцинација, идентификација и регистрација; да се поттикнат сопствениците да ги стерилизираат, вакцинираат, да ги идентификуваат и да ги регистрираат своите миленици.
- Јавните прифатилишта да бидат управувани од соодветен кадар, пред сѐ долгогодишни активисти за правата на животните кои имаат сериозни искуства од областа и се високо мотивирани да го надминат проблемот; да се воспостави соработка со здруженијата за заштита на животни, на нив да се гледа како на активни партнери на институциите надлежни за проблемот со бездомни животни; здруженијата треба да се легитимни признаени посредници во процесот и промовирањето на вдомувањето и ко-управувачи на стационарите.
- Да се овозможат субвенции за бесплатна кастрација и стерилизација на домашните миленици.
- Да се предвидат и да се спроведуваат во континуитет мерки кои ќе им помогнат особено на сопствениците на миленици во руралните и приградските средини, во кои овие кучиња најчесто во поголем дел од денот талкаат слободно, каде достапност на ветеринарни услуги и грижа е дефицитарна, со мобилни ветеринарни екипи за кастрација.
- Да се ажурира во континуитет регистар на одгледувачници, трговци со миленици, со задолжителна евиденција (микрочип) на секое продадено или подарено животно.
- Животните да се заштитат од суровост, занемарување и од убивање, со засилување и имплементација на соодветни казнени мерки при секој случај на суровост, занемарување и убивање (на пример, забрана за долготрајно држење на ланец, држење во бокс и слично).
Ништо без политичка волја
Од ЈП „Лајка“ велат дека треба измена во законите за благосостојба на животните кој е во процедура повеќе од четири години, како и Законот за идентификација и регистрација на животните, Законот за ветеринарно здравство, Законот за кривична постапка.
– Глобите да се зголемат драстично за разлика од досегашните кои се применуваат со Законот за прекршочна постапка, односно трошокот на државните органи при спроведување на постапката е повеќекратно поголем од самата глоба. Од една страна, сметаме дека недостасува едукација, односно кампањи преку кои граѓаните ќе станат посвесни за тоа колкав општествен проблем предизвикуваат со своето неодговорно однесување, но од друга страна фали и ефикасен систем на казнивост кон неодговорните сопственици, кој подразбира повисоки глоби и неселективност при постапувањето на надлежните институции.
Решение постои, меѓутоа потребна е силна политичка волја и многу посветеност и ангажман од страна на сите институции на системот – предлагаат од „Лајка“.
Малверзации со жолтите ушни маркички
Во меѓувреме, додека не стасаат законските измени, клучен е процесот на заловување на бездомните кучиња и нивниот третман.
– Во 2023 година се заловени 858, во 2022 761, а во 2021 година 557, или вкупно 2176 заловени кучиња за 3 години. Секое заловено куче поминува хуман третман, кој се состои од повеќе етапи, низ кои самото куче поминува за време на престојот. Кога кучето целосно ќе го помине третманот, се враќа на истата локација, со исклучок на кучиња пријавени за каснување со соодветна документација и кучиња кои за време на престојот ги пронашле своите домови. Бездомно куче кое не го поминало целосниот третман кој вклучува и кастрација и стерилизација, не се враќа на улица – информираат од „Лајка“.
Кучињата кои имаат ушна маркица го поминале хуманиот третман, којшто подразбира кастрација и стерилизација, микрочип, вакцинација против беснило, вакцинација против заразни болести и тест за лишманија по акредитирана метода.
– Кучињата кои го поминале хуманиот третман во „Лајка“, не би можеле повторно да имаат потомци. Доколку се случи ваков преседан, ги молиме граѓаните веднаш да реагираат до јавното претпријатие. Одговорно тврдиме дека за периодот од 2022 година наваму ваков случај не сме имале. За да го потврдиме ова, во нашата архива, покрај документи за протекот на оперативниот зафат, имаме и снимки со резултатот од спроведената операција. За кучиња кои го поминале третманот пред 2022 година и за кучиња кои поминале третман во друго прифатилиште не би можеле да гарантираме за третманот кој го поминале – велат од јавното претпријатие.
Проблеми во минатото имаат забележано и „Анима Мунди“, но гарантираат дека во Скопје не се забележани вакви пропусти откако раководител на „Лајка“ бил Воислав Димитровски, како и сегашната директорка Радмила Пешева.
– Сме се соочиле во минатото со проблемот на кучиња кои не биле стерилизирани, а биле обележани како такви. Сме пријавувале, сме реагирале, сме згрижиле женки кои се породиле а имале ушна маркица за спроведен третман. Сигурни сме дека малверзации постоеле и постојат во многу општини. Сме пријавувале, но никој не одговарал. Она што единствено можеме да гарантираме дека тоа не е случај во Скопје од времето кога со ЈП „Лајка“ раководат Димитровски и Пешева – велат од „Анима Мунди“ за Плусинфо.
Влада гради стационар за бездомни кучиња за Вардскиот регион
Од Владата за Плусинфо информираат дека бездомните кучиња во Вардарскиот плански регион се згрижуваат во регионален стационар.
– Средствата за изградба на стационарот во вредност од 21 милион денари ги обезбедува Министерството за локална самоуправа, преку Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој. Од вкупните средства, 11,5 милиони денари се обезбедени од буџетот на Министерството, а 9,5 милиони денари е поддршка од швајцарската влада. Стационарот е сместен во Општина Кавадарци, а сите општини од регионот имаат обврска за негово одржување, со што се решава овој проблем за 150.000 граѓани во 9 општини од планскиот регион – велат од владината прес-служба.
Оттаму додаваат дека овие добри практики треба да ги искористат општините и од другите плански региони.
– Со оглед дека станува збор за локална надлежност, локалните власти се најповикани да направат процена, да ги обезбедат сите услови и документи за градење и да понудат конкретни проекти коишто можат да бидат финансирани преку Министерството за локална самоуправа, од други буџетски програми или со поддршка на донаторската заедница. За решавање на ова прашање, генерално, најважна е иницијативноста на локалните власти, а доколку има соодветни проекти средства за нивна реализација можат да се обезбедат – нè информираа од Владата.