БЕЗДОМНИ КУЧИЊА ОД ТЕТОВО И ОД ГОСТИВАР СО КАМИОНИ СЕ НОСАТ ВО СТРУМИЦА Локалниот стационар не може да се справи со проблемот
Апелирам до граѓаните секој ваков случај да го евидентираат и да го фотографираат и да ни помогнат во пронаоѓањето на сторителите - изјави директорката на стационарот во Струмица.
Во Струмица се носат кучиња бездомници од други градови, со што проблемот со нив тешко се решава – вели Сузана Стојкова, директорка на Стационарот за бездомни кучиња „Лајка“ во Струмица.
– Имаме неофицијални податоци за носење кучиња во Струмица со комбиња од Тетово и Гостивар и камион со сина церада со непознати регистарски таблички. Затоа апелирам до граѓаните секој ваков случај да го евидентираат и фотографираат и да ни помогнат во пронаоѓањето на сторителите – изјави Стојкова на вчерашната конференција на Локалниот совет за превенција.
На конференцијата беше забележано дека граѓаните генерално се чувствуваат безбедно, а тие што не се чувствувале така како главен проблем ги посочиле кучињата скитници.
Таа вели дека 90 отсто од кучињата се третираат во стационарот. Од 1 февруари годинава кога е формиран Стационарот за бездомни кучиња во Струмица, досега се заловени 475 кучиња, од кои се третирани сите. На локации од каде се заловени се вратени 324, евтанизирани се 53, а стелизирани и кастрирани се 353 и се вдомени 63 кучиња.
Од Стационарот апелираат до сопствениците да бидат одговорни сопственици на кучиња и да ги чипираат и стерилизираат кучињата, а во тек е и јавна кампања за подигнување на свеста за вдомување.