Безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, кои ги покрива Одделението за внатрешни работи-Дебар, каде од 13 март е прогласена кризна состојба, е стабилна.
Во изминатото деноноќие во Дебар едно лице не ја почитувало забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус, против кое е веќе поднесена кривична пријава.
– Во рамки на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди – изјави Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Додава дека непречено се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација, а денеска, од Дебар ќе заминат две лица.
– На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лицата што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини – посочува Димоски.
Потсетува дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на споменатите две општини, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на ова подрачје.
Димоски уште еднаш упатува апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движење од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.