„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ЗА ПРВ ПАТ „ДАДЕН“ НА СУД? Снимките се користат како доказ во судењето за прегазената Фросина Кулакова

Во текот на изведувањето на доказите дојде до подолга расправа меѓу странките околу начинот на презентација, при што одбраната укажа на неподготвеност барајќи доказите да бидат јасно и прецизно означени со време и секунда.

24

Со испитување на сведок и изведување на видео-докази од системот „Безбеден град“, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, при што одбраната оспори дека постојат директни докази оти обвинетиот му го доверил возилото на својот син и оцени дека Обвинителството не било соодветно подготвено при презентацијата на доказите.

Васил Јованов во јануари 2025 година, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, која почина на лице место.






На денешното рочиште сведочеше студентка на Архитектонскиот факултет, пријателка на Васил Јованов од основно и средно училиште, изјави дека била со него на денот на трагичниот настан, но дека претходно со години немале близок контакт.

– Бев на денот на настанот кога се случи, а претходно не се немавме видено од средно. Сум се возела еднаш или двапати претходно со тоа возило, но тоа не било често. По завршувањето на средното училиште започнав на факултет и со Васил се оддалечивме, односно не се гледавме толку често, изјави сведокот.

Таа не знаеше дали возилото му било дадено на Васил од татко му, а тој не ѝ кажал дека користи возило без возачка дозвола, додавајќи дека, според нејзино сознание, бил и казнет поради тоа што еднаш го земал возилото без дозвола.

Во продолжение, Судот како докази пушти три видео-записи од системот „Безбеден град“, за кои бранителот на Јованов оцени дека од нив не може со сигурност да се утврди идентитетот на лицето, ниту прецизната локација и нивната релевантност за предметот.

Првиот видео-запис, направен на 27 јануари 2025 година, според Обвинителството прикажува лице и патничко возило „Пежо 207“ кое се движи по крајната десна лента на булевар. Одбраната приговори дека од снимката не може со сигурност да се утврди дека се работи за Васил Јованов, посочувајќи дека системот „Безбеден град“ нема можност за препознавање лица, што, како што беше наведено, е потврдено и со писмена документација.

Слични приговори беа изнесени и за вториот видео-запис, снимен на 25 јануари 2025 година, при што одбраната нагласи дека не може да се утврди кој управувал со возилото, ниту неговата регистрација, оценувајќи дека ваквите снимки немаат јасна доказна вредност и првпат се презентираат во судница по повеќе месеци од почетокот на постапката.

Во текот на изведувањето на доказите дојде до подолга расправа меѓу странките околу начинот на презентација, при што одбраната, според своите наводи, укажа на неподготвеност и на користење интернет-платформи за прикажување на материјалите, барајќи доказите да бидат јасно и прецизно означени со време и секунда.

Судот укажа дека доказите треба да се изведуваат во рамките на предметот и без толкување надвор од контекст, оставајќи ја оценката за нивната доказна вредност за завршната фаза на постапката.

Судењето против Зоран Јованов, татко на Васил, кој во јануари 2025 година, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, која почина на лице место, почна во јуни 2025 година.

Поврзани содржини