„БЕЗБЕДЕН ГРАД ЌЕ СЕ ПРОШИРУВА“ Камери ќе се поставуваат на автопатиштата и во поголемите градови

Министерот Спасовски во одговор на новинарско прашање по денешната посета на СВР Штип, рече дека и овој град е еден од тие во кој може да се прошири овој систем.

114

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави дека ќе се надградува системот „Безбеден град“, кој сега го има само во Скопје, Куманово и Тетово, а тоа ќе ги вклучи автопатиштата низ државата и други поголеми градови.

Спасовски ова го изјави во одговор на новинарско прашање по денешната посета на СВР Штип, при што најави дека и овој град е еден од тие во кој може да се прошири овој систем.






– Во овој момент го имаме само во Скопје, Куманово и Тетово, а во тек е процес на надградба на целиот овој систем. Надградбата ќе ги вклучи и автопатиштата низ државата и овие три градови и тука ќе се вклучи, секако, и електронското утврдување на собраќајните прекршоци – рече министерот.

Според него, идејата е да се прошири, пред сѐ, во големите градови каде што имаме поголема фреквенција на луѓе.

– Штип е еден од тие градови, иако мораме да кажеме дека Истокот, подрачјето на Штип е мирно, стабилно, меѓутоа секаде каде што имаме видео надзор имаме подобрување на безбедносната состојба, но ни помага и во откривачката дејност на јавната безбедност – рече Спасовски во одговор на новинарското прашање.

Поврзани содржини