БЕЗ ЗАЛАЖУВАЊА, ДАЛЕКУ СМЕ ОД КРАЈОТ Омикрон заразил 18 милиони луѓе за недела дена
Нема место за дилема, омикронот предизвикува хоспитализации и смртни случаи, а уште потешки случаи ги поплавуваат здравствените установи, предупереди Тедрос Гебрејсус, првиот човек на СЗО. Според него, пандемијата е далеку од завршена.
Првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адана Гебрејсус, ги предупреди светските лидери дека пандемијата на коронавирусот „не е ни блиску до својот крај“. Тој потсети дека некои европски земји бележат рекорден број на нови случаи поради омикрон-сојот.
Би-Би-Си пренесе дека Тедрос, на редовната прес-конференција во седиштето на СЗО во Женева, изјавил дека само минатата недела омикрон предизвикал 18 милиони нови инфекции ширум светот.
– Иако овој сој може да се покаже дека е помалку сериозен, наративот дека се работи за блага болест е погрешен – рече тој и додаде:
– Нема место за дилема, омикрон предизвикува хоспитализации и смртни случаи, а уште потешки случаи ги поплавуваат здравствените установи.
Гебрејсус ги предупреди глобалните лидери дека „со неверојатниот напредок на омикрон-сојот на глобално ниво, најверојатно ќе се појават нови варијанти на вирусот, поради што следењето и евалуацијата остануваат клучни“.
– Исто така сум особено загрижен за многу земји кои имаат ниски стапки на вакцинација, бидејќи луѓето се многу повеќе изложени на ризик од сериозни болести и смрт доколку не се вакцинираат – рече тој.
Директорот за вонредни ситуации на СЗО, Мајк Рајан, предупреди дека зголемената преносливост на омикрон-сојот веројатно ќе доведе до зголемување на хоспитализациите и смртните случаи, особено во земјите каде што се вакцинирани помалку луѓе.
– Експоненцијалното зголемување на случаите, без разлика на тежината на поединечните варијанти, доведува до неизбежно зголемување на хоспитализирањата и смртните случаи – рече Рајан.