БЕЗ ВАКЦИНА МОЖЕТЕ ДА СЕ ЗАРАЗИТЕ ЗА НЕПОЛНИ 5 МИНУТИ Само маските се сигурна заштита, KN95 меѓу најдобрите
Откритието е изненадувачко: подобро е да ставите маска и да се доближите, отколку да се оддалечите уште некој метар. Маските КN95 заедно со FFP2 најдобро штитат, вели истражувањето.
Неполни пет минути се доволни невакциниран човек да се зарази со коронавирусот, па макар бил и на 3 метри од друго лице, а единствена добра заштита против ова, освен вакцината, е лицето да носи маска, се вели во статија објавена во Зборникот на Националната академија на науките. Научниците го мереле ризикот од заразување и велат тој е над 90 отсто, пишува ИФЛ Наука.
Целта на истражувањето било да се открие на колку метри всушност треба да бидат оддалечени луѓето во случај на пандемија. Откритието е изненадувачко: подобро е да ставите маска и да се доближите, отколку да се оддалечите уште некој метар.
Научниците од Институтот за динамика и самоорганизација Макс Планк (MPIDS) комбинирале податоци за дистрибуцијата на големини на респираторните честички и колку тие можат „да избегаат“ од различните видови маски за лице според она што го знаеме за протокотот на воздух од дишењето и зборувањето. Студијата ги зела предвид претходно занемарените фактори, како што е начинот на кој делумно исушените честички се рехидрираат при вдишување.
Џабе се мерките за 1,5 метар оддалеченост, заштита само со маска
Дури и ако стоите на 3 метри оддалеченост, има 90 отсто шанси демаскирано заразно лице да ја пренесе болеста на немаскиран колега во рок од пет минути од разговорот, заклучуваат авторите. Студијата претпоставува мирен воздух околу двете индивидуи, што значи дека ако во просторијата има вентилација шансите за заразување ќе бидат помали.
Со други зборови, стандардните препораки од 1,5-2 метри изгледаат длабоко несоодветни, вели истражувањето.
– Не би помислиле дека на растојание од неколку метри ќе биде потребно толку малку време за да се апсорбира заразната доза од здивот на носител на вирусот – рече професорот Еберхард Боденшац, директор на МПИДС, во изјавата.
Студијата била правена за честички од делта-сојот на коронавирусот и затоа некои сметаат дека ова не важи за другите видови. Но, барем сега знаеме дека ковид-19 може да се шири во мали честички, кои патуваат понатаму, наместо да се пренесува само во поголеми капки.

Маските ја намалуваат можноста за инфекција и до 100 пати
Има и добра вест од студијата, а тоа е колку всушност добро штитат маските.
– Во секојдневниот живот, вистинската веројатност за инфекција е сигурна 10 до 100 пати помала кога се носат маски – рече Боденшац.
Стоејќи на 1,5 метри оддалеченост, ризикот од пренесување е најмногу 0,4 проценти, дури и по еден час, ако двете страни носат добро поставени FFP2 маски. Маските FFP2 и N95 имаат слични заштитни вредности, вели една друга студија.
И платнените маски штитат, ама зависи од платното
Точно, не штитат сите маски исто, но студијата покажува дека дури и лошо поставените маски ја вршат работата.
– Материјалите на маските FFP2 или KN95, но и на некои медицински маски, филтрираат исклучително ефикасно. Ризикот од инфекција потоа доминира со воздухот што излегува и влегува на рабовите на маската – рече првиот автор д-р Голамхосеин Багери.
Најмногу штитат FFP2 и KN95 маските
Студијата не ја зема предвид корисноста на платнените маски за повеќекратна употреба, иако претходната работа сугерира дека нивната вредност зависи од нивниот материјал. Исто така, не е истражена вредноста на маската што се носи без покривање на носот, но тоа веројатно можете да го погодите и сами.
Сè на сè, истражувањето дава силна причина за поширока употреба на FFP2 маските, откривајќи дека дури и лошо поставената заштита од овој вид е 2,5 пати поефикасна од добро прилагодената хируршка маска.