НА ДЕЖУРСТВО БЕЗ ТОПЛОМЕР, БЕЗ МЕРАЧ ЗА ПРИТИСОК! Лекарите во Поликлиника Ѓорче Петров оставени на цедило

Верувајте, дежурните лекари во Поликлиника Ѓорче Петров немаат влажно марамче за да го избришат бирото на коешто седат, а да не зборувам за нешто друго. И јас редовно дежурам таму и многу добро знам што се случува, вели матичен лекар од подрачјето на Ѓорче Петров.

3,983

Дежурните лекари во Поликлиниката Ѓорче Петров се оставени на цедило, бидејќи како што велат, немаат ниту топломер, ниту мерач за притисок, додека пак од ЈЗУ Здравствен Дом Скопје истакнуваат дека дежурните ординации во сите поликлиники се опремени со сѐ што е потребно.

Има бројни поплаки од граѓаните токму за оваа поликлиника, особено за дежурната служба, бидејќи лекарите ги немаат потребните услови за извршување на својата задача, а за тоа сведочи и скопјанката Симона, која ни раскажа со што точно се соочила кога отишла да побара лекарска помош.






– Почнав многу да кашлам и кренав висока температура за време на минатиот викенд, а поради тоа што сум бремена, веднаш се упатив на дежурен лекар во Поликлиника Ѓорче Петров. Внатре ме дочека хаос. Двајца дежурни леакри беа на смена, а едниот не носеше ниту заштитна маска на лицето. Кога дојдов на ред за преглед, лекарот ми го провери дишењето со стетоскоп и веднаш заклучи дека се работи за некаква алергија од воздухот. Неколку пати му потенцирав дека сум бремена, а тој сепак ми препиша сируп и лекови за кои подоцна дознав дека не сум смеела да ги пијам. Температура не можеше да ми измери, оти немале топломер! Не можеше да ми измери ни сатурација, ни пулс, оти немале пулсметар, ни мерач за притисок. Лекарствата практично ми ги препишал од ракав само за да ме откачи, без да му биде грижа дали тие ќе му наштетат на плодот. Секако, во понеделникот, откако направив крвна слика, се испостави дека не станувало збор за никаква алергија, туку за вирус. Мојот матичен лекар остана запрепастен кога му кажав што ми се случило во Поликлиника Ѓорче Петров, но и тој самиот ми потврди дека лекарите таму буквално се оставени на цедило – вели Симона Б. од Скопје

Сепак, за состојбата во дежурните ординации ни раскажаа и некои од матичните лекари кои според закон мораат да извршуваат дежурства во некоја од поликлиниките, а како што велат, често се соочуваат со вистински хаос и буквално се оставени на цедило, па само со својот стетоскоп им помагаат на пациентите.

– Верувајте, дежурните лекари во Поликлиника Ѓорче Петров немаат влажно марамче за да го избришат бирото на коешто седат, а да не зборувам за нешто друго. И јас редовно дежурам таму и многу добро знам што се случува. Немаме топломер, немаме пулсметар, немаме мерач за притисок, па некои од нас си носиме наши приватни апарати само за ги услужиме пациентите. Замислете, нема ни капка алкохол за дезинфекција! Јас пред секое дежурство сама си купувам од аптека и по цело шише трошам во една смена. Не можам да си дозволам пациентите да ги легнувам на едно исто креветче кое претходно не било дезинфицирано. Навистина е катастрофална состојбата, немам зборови – вели матичен лекар од подрачјето на Ѓорче Петров.

Претседателка на Здружението на матични лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова за Плусинфо вели дека членовите често се жалат дека имаат недостиг на соодветна опрема или медикаменти, а Здравствениот дом во кои дежураат треба да ги обезбеди сите потребни работи.

– Здравствениот дом е должен да снабдува ампуларија и потрошен материјал. Така било и така треба да продолжи. Таман работа ако матичниот лекар носи свои ампули на дежурство во милионски град како Скопје. Капитацијата не е димензионирана за тоа. Знам да има поплаки, пренесуваат нашите членови, но се надеваме дека во иднина нема да биде така – ни одговори д-р Лилија Чолакова Дервишова.

Од друга страна од ЈЗУ Здравствен Дом Скопје велат дека во сите дежурни служби ординациите се опремени со соодветна за лекарите да можат непречено да им нудат прва помош на пациентите кои ќе дојдат да го побараат тоа од нив.

– Сите дежурни ординации се опремени со медицинска  опрема и лекови за остварување на здравствена заштита (екг, дефибрилатор, апарат за притисок, боца за кислород, пулсоксиметри, дигитални топломери, ампуларна терапија и итн.). Во  ЈЗУ Здравствен дом Скопје за време на викендите, дежурните служби  во  поликлиниките се покриени со 24 часовна здравствена заштита – ни одговорија од Здравствен дом Скопје.

Оттаму додаваат дека согласно важечката законска процедура од ФЗОМ во Поликлиниките Ѓорче Петров, Бит Пазар, Чаир, Ченто, Јане Сандански, Драчево и Шуто Оризари во саботите од 7:30 часот до 19:30 часот работат  тимови  од ПЗУ (матични лекари). Додека во саботите од 19:30 часот до понеделник 7:30 часот, дежурната служба е од тимови од ЈЗУ Здравствен дом на Скопје – Служба за Итна медицинска помош.

– Ординации за здравствена заштита во трета смена, недели и празници. Дежурните служби  непосредно укажуваат итна медицинска помош, вршат прегледи, препишуваат и аплицираат терапија и по потреба ги упатуваат пациентите на лекување на секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита – велат до Здравствен дом Скопје.

Поврзани содржини