БЕЗ ПАРИ И БЕЗ ЛУЃЕ ЌЕ НЕМА ЕФИКАСНО ПРАВОСУДСТВО Камбовски и Џолев повикаа конечно да се обезбеди финансиската независност на судовите

Судовите не се само згради. Тие згради треба да бидат опремени. Таму работат судии, работи персонал што ги опслужува тие судии, записничари, судски службеници. Во моментов се соочуваме со катастрофален недостиг на кадри, а судиите прават вонредни напори за да бидат ефикасни, речеКамбовски.

205

Довербата во правосудството ќе се врати кога ќе се спроведат успеши реформи и кога судството ќе ја добие финансиската независност, порачаа денеска претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски и претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев.

Според Камбовски, довербата во судството е ниска, но тоа не значи дека не треба да се продолжи со реформите.

– Очигледно реформите од минатото не вродиле со плод. Треба да се промени начинот на кој се прават тие реформи, треба да се промени матрицата на размислување и конечно судството да ја добие и финансиската независност. Не можеме да зборуваме за независност на судството доколку тоа судство е зависно од некоја од другите власти. Судовите не се само згради. Тие згради треба да бидат опремени. Таму работат судии, работи персонал што ги опслужува тие судии, записничари, судски службеници. Во моментов се соочуваме со катастрофален недостиг на кадри, а судиите прават вонредни напори за да бидат ефикасни – речеКамбовски.

Тој рече дека за секое вработување во судството мора да добијат дозвола од Министерстото за финансии. Додаде дека според законот на судството ми следува годишен буџет во изод од 0,8 отсто од БДП, но досега не добило повеќе од 0,35.

На прашање како ќе се врати довербата, кога граѓаните бараат оставки од членовите на Судскиот совет и од државниот јавен обвинител, а оставки нема, Камбовски рече дека оставките не се реформа.

– Оставките не се реформа. Судскиот совет е речиси целиот променет. Овој впечаток за Советот се влече од минатиот состав. Сега повеќе од половината од членовите се сменети. Така и законодавецот го замисли Судскиот совет, во него постојано да има флуктуација на нови членови. Ако сакаме реформа, тоа се прави на друг начин, со законски измени, со намалување на мандатот за членовите, со депрофесионализација на Судскиот совет, на обвинителскиот совет итн. А само со персонални промени нема да се постигне ништо. Која е гаранцијата дека ковите членови кои ќе дојдат ќе бидат подобри – рече Камовски.

Судијата Џолев рече дека очекува Здружението на судии да биде вклучено во реформите.

– Здружението на судии се става на располагање за реформите кои се заговараат во правосуднуот систем, за да даваме предлози за носење на нови закони со кои ќе се подобри состојбата во судството и перцепцијата на граѓаните. Здружението на судии, кое брои над 300 членови е најголемиот брејнсторм во овој сектор и не треба да биде игнорирано – рече Џолев.

Во врска со ефикасноста на судовите, тој рече дека таа е проблем, но не толку голем.

– Неефикасноста е генерирана од друго. Недостигот на судии и на стручни служби и финансиската нестабилност создаваат проблеми. Секоја година имаме сè поголем прилив на предмети, а сè помал број на судски службеници и судии. Едно со друго не оди. Ако сакаме ефикасно судство, мора во него да се вложува. Мора да имаме капитални инвестиции, нови вработувања, дигитализација – рече Џолев.

На прашање дали има полотилка волја за вакво зајакнување на судството, Џолев изрази надеж дека „почнале да дуваат други ветришта“.

– Тие загарантирани 0,8 отсто досега никогаш не беа обезбедени, како максимум стигнавме до 0,38 отсто. Остатокот секогаш имаше пренамена во образованието, здравството итн. Мислам дека ќе се сменат работите и тие средства ќе се обебедуваат за судството и така ќе се подобрат состојбите – рече Џолев.

Камбовски и Џолев денеска учествуваа на судиската конференција „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, организирана од Здружението на судии, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Во фокусот на дискусијата беше потребата од суштински реформи, поголемата ефикасност на судските постапки и унапредувањето на судската автономија.

– Потсетуваме на уникатната одговорност на правосудниот систем да ги заштити човековите права и да осигура дека правдата е овозможена. Сите сме свесни за предизвиците кои потекнуваат од притисоци, бавни постапки и од корупција. Токму овие предизвици ја намалија довербата на јавноста во правосудниот систем – изјави амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ.

Тој нагласи дека фокусот на ефикасноста на постапките не е само административно прашање.

– Ова не е само техничко подобрување. Тоа е стратегиска насока. Правдата, кога се спроведува брзо и транспарентно, ја зајакнува целата демократија – рече Вал.

Како што посочи, во наредниот период Мисијата на ОБСЕ ќе се фокусира на поддршка на легислативни реформи и институционални подобрувања.

– Веруваме дека преку реформи, инвестиции и акција можеме да ја обновиме довербата на граѓаните. Правдата мора да превладее, не само во теорија, туку во пракса. Само преку акција се случуваат промените – нагласи тој.

Претседателот Џолев на конференцијата повика на единство и на соочување со реалните предизвици во системот.

– Идејата на оваа конференција е да покажеме дека сме обединети. Сите судии се соочуваат со истите ограничувања – од недостаток на човечки ресурси, преку нефункционалност на одредени државни служби, до проблеми со пренатрупаност во притворите. Не можеме да останеме неми сведоци кога овие проблеми директно влијаат на граѓаните и го нарушуваат угледот на судството – рече Џолев.

Осврнувајќи се на актуелните случувања, Џолев ја истакна и потребата од институционална мобилизација.

– Токму несреќата во Кочани треба да биде аларм, потсетник дека мора да постапуваме поефикасно, особено во предистражните и истражните постапки – нагласи тој.

Камбовски на конференцијата ја истакна поврзаноста меѓу судската независност и финансиската автономија.

– Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку суштинска гаранција за правата и слободите на сите граѓани. Судот не може да биде независен ако не располага со финансиска автономија. Реформите мора да значат суштински промени – не само законски измени, туку промена во организацијата, пристапот и менталитетот во системот – рече тој.

Џемали Саити, в.д. претседател на Врховниот суд, беше дециден дека институционалната координација меѓу гранките на власта е клучна.

– За жал, и покрај бројните реформи, денеска како да сме на самиот почеток. Исти дебати, исто залагање, нова надеж, а старите проблеми сè уште не се надминати – рече Саити.

Тој порача дека носителите на правосудни институции треба да бидат двигатели на промените.

– Особено е важен професионалниот пристап и интегритет на сите нас. Судскиот совет и Врховниот суд треба да бидат двигатели на овој процес – рече тој

Поврзани содржини