БЕЗ МАСКИ ВО ШКОЛО, ТРЕТА ДОЗА ЗА ПОСТАРИТЕ Даниловски вели децата да не бидат жртви на возрасните, туку обратно
Возрасните што имаат ученици дома нека се заштитат како знаат и умеат! Нека се вакцинираат со три дози. Наставниците, исто така! За нив маските да останат задолжителни! Со делта ова немаше да биде прифатливо. Ќе беше неодговорно.
Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски во разговор за Фактор открива дека во „новото нормално“ клучен елемент се училиштата.
– Фигуративно кажано … сè нека се затвори, ама училиштата да останат отворени! И тоа без маски за децата! Зошто? Зашто, децата се нашата иднина! Ама, деца здрави, образувани. Не деца со нарушена психа, деца затупавени, деца збеснати, деца полудиви, деца идни психо-социопати, доволно беше две години што издржаа. Веќе не смееме тоа да го дозволиме. Неприфатливо е децата да не одат на училиште, со образложение да ги заштитат постарите членови во семејството! Сега веќе имаме вакцини на располагање – вели Даниловски.
Тој истакнува дека не треба да се дозволи децата да бидат жртви за возрасните, туку дека треба спротивно да биде.
– Возрасните што имаат ученици дома нека се заштитат како знаат и умеат! Нека се вакцинираат со три дози. Наставниците, исто така! За нив маските да останат задолжителни! Со делта ова немаше да биде прифатливо. Ќе беше неодговорно. Но, потребна е и еластичност во приодот. Ваквиот тип на „ново нормално“ веројатно ќе потрае неколку години. Додека, постепено, сите делови на планетата не достигнат високо ниво на имунитет – некој порано, некој подоцна … Дури тогаш, пандемијата ќе биде завршена во вистинска смисла на зборот – оценува професорот.