Без гости отворен 39-от Мал битолски монмартр
Битолските улици нема да бидат насликани, градот нема да биде преполн со деца и затоа на овој ден се доделува само Гран при наградата. Годинава пристигнаа над 15.000 творби од целиот свет. Од сите пристигнати, изложивме 717 најдобри цртежи - рече Хаџиантоновска.
Како никогаш досега, плоштадот пред Малиот битолски монмартр во Старата битолска чаршија, остана без смеата и дружбата на децата учесници од целиот свет, на денот на отворањето 24 мај, на оваа, надалеку позната детска ликовна манифестација. 39-тото издание на Малиот битолски монмартр се отвори скромно, без учесници, но со препознатливиот белег- музиката од Тоше и желбите, следното, јубилејно 40-то издание, да биде повторно полно со деца.
Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, ја додели годинешната Гран-при награда на фестивалот, наменета за 17 годишната Мариа Дума од Букурешт, која наместо лично, му беше дадена на почесниот конзул на Романија во Битола, Александру Мамакис.
– По 39 пат го одбележуваме Малиот битолски монмартр, манифестација која е исклучително значајна за нашиот град, манифестација која што ја отвора Битола кон светот, меѓутоа и светот го носи во Битола. Бројот на цртежи кои што пристигнаа годинава, покажува дека така било и во изминатите години. За жал, годинава ќе го немаме џагорот на децата низ нашите сокаци, меѓутоа она што го имаме се нивните насмевки, нивната душа и дел од нивните срца во нивните цртежи, за што им сме бескрајно благодарни. Во оваа прилика, сакам да се обратам и до чичко Коста, в’година ни доаѓаат 40 години од Малиот битолски монмартр. Она што како град му го должиме е да го одбележиме достојно, величенствено, онака како што доликува и се надевам дека околностите нема да се како сегашните, за да можеме со една свечена манифестација да оставиме траг и белег на 40 годишнината која што наближува. Како град му должиме и во годините кои што следуваат, да ја негуваме оваа манифетација, затоа што е навистина траен белег за Битола и за битолчани – рече градоначалничката Петровска.
Елена Хаџиантоновска, ќерката на Коста Хаџиантовски, идејниот творец на Малиот битолски монмартр, кој годинава не беше дел од манифестацијата поради здравствени причини, истакна дека е жално што по прв пат од основањето пред 39 години, се одржува без детските ликовни творци.
– Битолските улици нема да бидат насликани, градот нема да биде преполн со деца и затоа на овој ден се доделува само Гран при наградата. Годинава пристигнаа над 15.000 творби од целиот свет. Од сите пристигнати, изложивме 717 најдобри цртежи – рече Хаџиантоновска.
Почесниот конзул Акександру Мамакис, примајќи ја наградата Гран при, изрази голема благодарност до Малиот битолски монмартр, а на градоначалничката Петровска и врачи монографија која што е работена со помош на амбасадата на Романија и почесниот конзулат во Битола, поврзана со влашкото население во Битола и во потпелистерските села.
Симболично, со вивнување на балоните кон небото, децата од Малиот битолски монмартр, заедно со градоначалничката, испратија желби за поубаво утре, со многу повеќе детски насмевки.