БЕЗ ЈАВЕН ОГЛАС СЕ ДЕЛЕНИ ДРЖАВНИ ПАСИШТА!? Тоа е спротивно на закон, министерот Николовски може да одговара
Од 2016 до денес, откако на власт се СДСМ и ДУИ, нема објавено ниту еден јавен оглас за доделување на пасиштата, но затоа се дозволува масовно склучување на договори со непосредна спогодба.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски доделувал државни пасишта на користење спротивно на законот, без јавен оглас, тврдат за Република.мк сточари и пчелари.
Тие реагираат дека во период од 2016 до денес, откако на власт се СДСМ и ДУИ нема објавено ниту еден јавен оглас за доделување на пасиштата, но затоа се дозволува масовно склучување на договори со непосредна спогодба.
– Цели осум години државните пасишта се даваат се доделуваат на користење на симпатизери и членови на владеачката коалиција, спротивно на законот без јавен оглас. Никој досега не покренал ништо против тоа, иако сите знаат. Еве го повикуваме Јавното Обвинителство по допрен глас и постоење на јавен интерес, поради основано сомнение да го истражи случајов и да превземе мерки согласно закон – велат соговорниците на Република.
Според нив, Николовски имал обврска да врши должен надзор над работата на ЈП за пасишта дали постапува согласно одредбите од законот. Не е јасно зошто тој дозволил масовно, без јавен оглас, да се склучуваат стотици договори за користење пасишта за пасење на ситен и крупен добиток, но и да се склучуваат договори за пасишта за паша на пчелни семејства, исто така со непосредна спогодба со поставување на времени објекти, по принципот прв дојден прв услужен само врз основа на писмено барање поднесено до подружниците на ЈП за пасишта за договори, кои биле истечени во 2022 година и кои истекувале во 2023 година, со продолжување на една година, односно и за оние сточари/ пчелари кои воопшто немале договор за користење со ЈП за пасишта.
На овие обвинувања одговори министерот Николовски. Во изјава за медиумите Николовски рече дека при распределбата на средствата немало никаква селективност.
– Нашата цел беше сите да добијат. Нашата цел беше да нема поделби, туку да обезбедиме повеќе средства за сите. Не разбирам како некој што претендира да биде министер се бори за помал земјоделски буџет, наместо да се бори за повеќе средства кои што доаѓаат токму во ресорот земјоделие – рече Николовски.
Министерот посочи дека секој сомнеж може да биде пријавен во која било институција и да се направи целосно испитување.
Во однос на обвинувањата на Трипуновски дека распределбата на средствата се вршела надвор од процедурите, тој посочи дека Законот за извршување на буџет ги дефинира програмите кои ги има донесено Владата.
– Владата има донесено програма во која што ги дефинира постапката и процедурите и сите процедури во однос на спроведувањето се испочитувани. Во ниту еден дел нема никакво изостанување на која било процедура – рече тој.
Како што појасни, од 60 апликации на првиот повик минатата година, 59 биле успешни и биле обезбедени средства за сите.