БЕВМЕ НАПАДНАТИ ОД ЗАСЕДА На кошаркарот Ѓуроски му е скршена раката по тепачката во Маврово
Играчот на „Пелистер“, заедно со неговиот брат Младен, кој е поранешен член на националниот тим на Македонија и уште двајца пријатели, биле нападнати од група туристи од Косово, со кои претходно имале вербален конфликт поради непочитување на редот за ски-лифтот.
Македонскиот кошаркарски репрезентативец и член на КК Пелистер, Стојан Ѓуроски, е повреден на скијачките терени во Маврово, во тепачка во која учествувале две групи, една од Косово, а другата од Гостивар. Ѓуроски за „Слободен печат“ потврди дека бил повреден во тепачка во Маврово, но не сакал да зборува за деталите од тепачката.
– Добар сум, имам скршеница на десната рака, подлактицата ми е скршена. Успешно бев опериран вчера. Следува пауза од месец ипол или два, за закрепнување. Тоа секако негативно ќе се одрази на мојата сезона. Бевме нападнати од заседа. Се качувавме по ски-лифтот и тие горе нѐ чекаа со извадени скии, подготвени – изјавил Ѓуроски.
Играчот на „Пелистер“, заедно со неговиот брат Младен, кој е поранешен член на националниот тим на Македонија и уште двајца пријатели, биле нападнати од група туристи од Косово, со кои претходно имале вербален конфликт поради непочитување на редот за ски-лифтот.
На 02.01.2022 околу 18.15 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода Ј.О. (27), Д.О. (30), Ф.О. (29) и А.О. (19) од Република Косово и Б.Д. (29), Г.Ѓ. (25), М.Ѓ. (41) и С.Ѓ. (30) од Гостивар, поради сомнение за нивна инволвираност во меѓусебна физичка пресметка, која околу 14.50 часот се случила на ски-терените на Бистра во Маврово. Според пријавеното, во физичката пресметка биле употребени и тврди предмети, а две лица, А.О. и С.Ѓ. се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Сите инволвирани се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од МВР.