„БЕВМЕ НА ЧЕКОР ДО ДОГОВОР“ Пропадна 18-от пакет санкции против Русија, Калас лута на Словачка

Европската унија не успеа да постигне согласност за 18-от пакет санкции против Русија – Словачка останува на своите позиции, а ЕУ и САД засилуваат притисок врз Москва, додека паралелно се зголемува хуманитарната поддршка за Газа и санкциите за Иран и Грузија.

1,854

Министрите за надворешни работи на ЕУ не постигнаа договор за воведување на 18-тиот пакет санкции против Русија. Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, по состанокот во Брисел изјави дека „беа навистина блиску“ до согласност, но дека Словачка не попуштила.

– Сега топката е во нивниот двор – рече Калас.






Според неа, ЕУ мора да ја ограничи способноста на Москва да ја продолжи војната, особено кога, како што тврди, Русија користи хемиско оружје и интензивира напади. Таа истакна дека Русија не сака мир и затоа „притисокот ќе продолжи“.

Калас ја поздрави иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемена воена помош за Украина и изрази подготвеност на ЕУ да го дели товарот на трошоците. Таа верува дека заедничкиот притисок од Европа и САД може да го натера Путин да преговара.

ЕУ ја следи ситуацијата на Блискиот Исток и бара Израел да преземе поконкретни чекори за подобрување на хуманитарните услови во Газа. Калас најави дека на секои две недели ќе се прави ревизија на исполнетите обврски и посочи дека неисполнувањето може да донесе мерки против Тел Авив.

Советот на ЕУ заклучи дека партијата Грузиски сон го загрозува демократскиот поредок и најави можни мерки, вклучително и суспензија на безвизниот режим и договорот за асоцијација.

Во Молдавија, поради заканите од хибридни активности од Русија пред парламентарните избори, ЕУ ќе обезбеди поголема поддршка за Кишињев. Санкции се воведени и против седум лица и три субјекти поврзани со дестабилизација на земјата.

Советот воведе санкции и против пет руски судии за прогонот на активистот Алексеј Горинов, како и против криминалната иранска мрежа Зиндашти. На санкционираните им се замрзнува имот, им се забранува влез во ЕУ и деловна соработка со европски правни и физички лица.

Поврзани содржини