БЕВМЕ „ДВОР“, СЕГА СМЕ „СОСЕДСТВО“ НА ЕУ Франција само оддалеку ќе посредува меѓу Скопје и Софија
На прашањето за бугарските апетити во спорот кои се зголемуваат од ден во ден, за двете Декларации во бугарскиот и во македонскиот парламент кои се дијаметрално различни, Бомгартнер повторно го изразува ставот дека прашањето е билатерално и дека Франција ќе биде најкорисна ако само оддалеку го олеснува процесот.
Бевме „предворје“ или „дел од Европа“, но во новите зборови на францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер Македонија и Западниот Балкан се „соседство“ – термин кој суштински не ја менува состојбата ниту европерспективата на регионот која и покрај поддршката останува закочена. На денешната средба со новинарите Бомгартнер појасни какви ќе ни бидат следните шест месеци кога Франција ќе го врти кормилото на ЕУ, а пораката е јасна: сами решете го спорот со Бугарија, а ние ќе ве бодриме, но без да одредуваме конкретен датум.
Франција нема да понуди директна експертска помош во спорот меѓу Скопје и Софија, но смета дека е охрабрувачко што двете земји формираа своја Влада, објаснува Бомгартнер. Наместо тоа, тој на неколкупати нагласи дека светот е во нова состојба, нов контекст поради пандемијата, климатските промени, па дури и мигрантската криза, па Франција и цела ЕУ ќе се занимаваат со тие големи прашања: како да создадеме заедничка европска одбрана, па и војска, или како да воведеме даноци на големите странски корпорации.
Датум без датум, Албанија без Северна Македонија
На прашањето за бугарските апетити во спорот кои се зголемуваат од ден во ден, за двете Декларации во бугарскиот и во македонскиот парламент кои се дијаметрално различни, Бомгартнер повторно го изразува ставот дека прашањето е билатерално и дека Франција ќе биде најкорисна ако само оддалеку го олеснува процесот.
– Не е прашањето дали, туку како ќе бидеме корисни. Во актуелните услови, не треба трета страна, туку двете страни треба да воспостават дијалог. Раздвојувањето на РСМ и Албанија, тоа е објективен и правен став. Правно, нема тесна врска меѓу двете земји. Во рамки на Советот на Европа имавме дебата и беше заклучено дека во моменталните услови не е препорачливо тие да бидат одвоени, туку да се работи на деблокирање на перспективата на РСМ. Добро знаете дека во рамки на француското претседателство нема конкретен датум за свикување на меѓувладината конференција. Но, тоа не значи дека преговори нема да случат – вели Бомгартнер.
На средбата беше присутен и евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир. Ставовите на Гир во голема мера се сложуваат со француските гледишта. Тој објасни дека ништо не е променето во европскиот оптимистички став за нашата земја и дека тоа е заеднички став на ЕУ уште од самитот во Брдо. И двајцата амбасадори велат дека нашата земја ги исполнила сите услови.
Европски полицајци од мигранти ќе нè штитат кога ќе го решиме спорот со Софија
Исполнетите услови, сепак, нема да направат европските полицајци од „Фронтекс“ да ја заштитуваат македонската граница од мигранти, нешто што скоро сите наши соседи го имаат. Проблемот лежи во тоа што Бугарија стави вето на нашето потпишување на договор со „Фронтекс“ во очи на преговорите.
– Блокадата го блокира договорот со „Фронтекс“, но ова директно е врзано со усвојувањето на Преговарачката рамка. Со други зборови, кога ќе се постигне договор меѓу Скопје и Софија, односно со одржувањето на првата меѓувладина конференција, брзо ќе се разреши и она со „Фронтекс“ – уверува францускиот амбасадор.
Гир потсети дека сепак полицајци од повеќе европски земји веќе се физички присутни на македонските граници и ѝ даваат поддршка на македонската безбедност.
Ако железница до Софија е услов, никогаш нема да се договориме
Во меѓувреме, бугарските барања кон Македонија растат, а претседателот Румен Радев неодамна побара и конкретни резултати да бидат дел од условите: меѓу нив и Коридорот 8, железницата Скопје-Софија и енергетското поврзување, нешта кои очигледно нема брзо да дојдат.
– Сè зависи од тоа како ги употребувате поимите. Коридорот 8 е дел и од Договорот за добрососедство меѓу двете земји од 2017 година. Ако тоа биде услов тогаш преговори нема да има наскоро. Но, поентата е во друго. И од едната и од другата страна има добра волја за одново да се преговара. Содржината на преговорите во иднина ќе ни покаже дали оваа нова благонаклонетост ќе даде резултати – заклучува амбасадорот Бомгартнер.
Оптимист е и неговиот колега Гир:
– За ЕУ само ќе кажам дека ние посакуваме што е можно побрзо отворање на преговорите со Македонија и со Албанија. Одлуката за тоа е веќе донесена. Ги охрабруваме Скопје и Софија да продолжат со напорите да се решат отворените прашања. Во однос на различните декларации, тоа е билатерално прашање и не би коментирал. Охрабрувачка е најавената посета на Кирил Петков на 18 јануари – смета тој.
И Европа ќе воведува минимална плата
Французите овие шест месеци ќе се концентрираат на три зборови: Моќ, обнова и припадност. Под „моќ“ ќе се подразбира правење стратегија како ЕУ унисоно да одговори на мигрантите или на евентуалните војни. Тоа е приоритет.
Под „обнова“, Франција подразбира Европа конечно да стане економски независна. За тоа да се случи ќе треба да се види што со клучните суровини кои Унијата ги увезува наместо да ги произведува. Исто така, ќе се разговара и за воведување минимална плата на европско ниво, а во духот на европските вредности и за еднаква застапеност на мажите и на жените при вработувањето. Добрите вести за Македонија се дека ќе се засилат сите стипендии за млади луѓе од програмата Еразмус.
Под „припадност“ се подразбираат сите социјални разлики на континентот кои се битен дел од европската доктрина. Македонија во следните шест месеци ќе учествува во повеќе програми за хуманост и намалување на говорот на омраза организирани од Франција.
– Северна Македонија еден ден ќе биде дел од ЕУ. За тоа да се случи што побрзо, треба да зборуваме за тоа. Ќе организираме локални конференции во повеќе градови и на локалитети кои се дел од културното наследство на земјата. На конференциите ќе има експерти од Македонија, но и млади луѓе, претставници на медиумите. Ќе има четири: првата ќе биде во Струмица во март, на тема „Европска сувереност“, во април во Прилеп ќе зборуваме за „Предизвиците на дигитализацијата“, на почетокот на мај „За предизвиците и климатските цели“ ќе говориме во Тетово и на почетокот на јуни во Битола ќе се одржи „Конференција за социјална Европа“ – рече францускиот амбасадор Бомгартнер.